Doğa Kırmızıoğlu
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
АНКАРА
Синоќа се одиграа 10 натпревари во американската Национална кошаркарска лига (НБА). Во средба на тимовите од Источната конференција, Кливленд Кавалирс, кој е во добра форма сезонава, стигна до својата осма победа во последните 10 натпревари, победувајќи го Бакс со 16 поени разлика, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот интернационалец, охриѓанецот Џеди Осман, кој на паркетот мина 34 минути, со учинокот од 23 поени, 4 асистенции, 3 скока и 2 украдени топки даде свој придонес во третата последователна победа на Кавалирс, 30. оваа сезона. Џеди на овој натпревар го собори личниот рекорд постигнувајќи 6 тројки и со скоковите на оваа средба ја надмина бројката од 1.000 скокови во НБА.
Свој удел во победата на Кавалирс дадоа и Кевин Лав со 25 поени, 9 скока, Дариус Гарланд со 19 поени, 8 асистенции и Иван Мобли со 16 поени, 7 скока.
Во редовите на Милвоки Бакс, кој го доживеа својот 20. пораз оваа сезона, најпрецизни беа ол-стар ѕвездата Јанис Антетокумпо со 26 поени, 9 скока, Боби Портис со 22 поени, 7 скока, а Крис Мидлтон постигна 21 поен.
Рекордна победа на Шарлот Хорнетс
Тимот на Шарлот Хорнетс кој се труди оваа сезона да избори пласман во плејофот, како гостин ја совлада Индијана Пејсерс со резултат 158:126, благодарение на офанзивниот напад.
На овој натпревар играчите на Хорнетс постигнаа вкупно 24 тројки, соборувајќи го клупскиот рекорд на најголем број тројки на еден натпревар. Во исто време Хорнетс ги постигна најголемиот број поени во НБА оваа сезона.
Во 27. победа сезонава на Хорнетс најголем придонес даде Кели Оубре со 39 поени, а ЛаМело Бол постигна „трипл-дабл“ со 29 поени, 13 асистенции и 10 скока. Мајлс Бриџис на оваа средба постигна 22 поени, а Тери Розиер постигна 20 поени.
Во екипата на Пејсерс, која го доживеа својот трет последователен пораз, најпрецизни беа Гога Битадзе и Исаја Џексон со по 17 поени. Ленс Стивенсон постигна дабл-дабл со 14 поени, 10 асистенции, 6 скока, а Тори Крег натпреварот го заврши со 14 поени.
Феникс Санс до победа со 43-те поени на Букер
Екипата на Феникс Санс, лидерот на Западната конференција, ја зголеми серијата од осум последователни победи, совладувајќи ја Јута Џез на гости со резултат 105:97.
Ол-стар ѕвездата Девин Букер со дабл-дабл учинок од 43 поени, 12 скока и 4 асистенции, го предводеше тим Феникс Санс до својата 38. победа оваа сезона.
Во редовите на Јута Џез која сезонава постигна 30 победи и 19 порази, најпрецизен играч беше Џордан Кларксон со 26 поени.
Резултати:
Индијана Пејсерс - Шарлот Хорнетс 126:158
Кливленд Кавалирс - Милвоки Бакс 115:99
Орландо Меџик - Лос Анџелес Клиперс 102:111
Атланта Хоукс - Сакраменто Кингс 121:104
Мајами Хитс - Њујорк Никс 110:96
Бруклин Нетс - Денвер Нагетс 118:124
Чикаго Булс - Торонто Репторс 111:105
Сан Антонио Спарс - Мемфис Гризлис 110:118
Портланд Треил Блејзерс - Далас Маверикс 112:132
Јута Џез - Феникс Санс 97:105