Mutlu Demirtaştan
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Легендарниот американски кошаркар Карим Абдул Џабар на аукцијата на неговите лични предмети собра средства во висина од 2 милиони и 947 илјади долари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според американските медиуми, кошаркарот Абдул Џабар, кој во историјата на НБА се води како кошаркар кој има постигнато најголем број погодоци на еден натпревар, своите лични предмети и освоени награди ги даде на аукциска продажба.
На аукцијата биле изложени 234 предмети, а меѓу нив се најдоа и шампионските прстени што 71-годишниот Абдул Џабар ги освои во својата богата кошаркарска кариера. Шампионскиот прстен освоен во 1987 година беше продаден за сума од 398.937 долари, прстенот освоен во 1985 година за 343.700 долари, додека прстените освоени во 1980 и 1988 година најдоа купувачи за сума од 245.500 долари.
Кошаркарската топка со потпис на Абдул Џабар од 1989 година, последната НБА-сезона на оваа легендарна кошаркарска ѕвезда, беше платена 270.050 долари.
Легендарниот кошаркар во 1972, 1974 и 1976 година беше прогласен за МВП на сезоната и за секој од трофеите беше одредена цена од 120.000 долари.
Поголемиот дел од 2 милиони и 947 илјади долари, колку што беа собрани на аукцијата на личните предмети и освоени награди на Абдул Џабар, се префрлени во фондацијата „Skyhook“, формирана од страна на кошаркарската легенда, со цел обезбедување поддршка за образованието на децата во различни области.
Абдул Џабар во текот на својата кошаркарска кариера играше во редовите на Милвоки Бакс и Лос Анџелес Лејкерс и освои 6 шампионски титули. Тој 19 пати беше избран за Ол-стар, 6 пати беше избран за МВП во нормалниот дел од сезоната и 2 пати во финалето.