Dejan Maksimoviç
04 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
БАРСЕЛОНА (АА) - Фудбалерот на Барселона Лионел Меси, за каталонските медиуми, изјави дека Јувентус со доаѓањето на Кристијано Роналдо, станал еден од главните фаворити за освојување на Лигата на шампиони, пренесува Anadolu Agency (AA).
Португалецот ова лето од Реал Мадрид, за кој играше девет години, премина во редовите на италијанскиот шампион за 112 милиони евра. Токму шпанската Ла Лига со години ја красеше големото ривалство на двата најдобри фудбалери на денешницата, Меси и Роналдо.
Аргентинецот смета дека заминувањето на Роналдо го ослабело Реал, но дека е голема придобивка за Јувентус.
„Очигледно е дека Реал е еден од најдобрите тимови на светот. Имаат одлични играчи и екипа, но заминувањето на Роналдо ги прави помалку силни. Тоа го прави Јувентус јасен фаворит за освојувањето на Лигата на шампиони, поради екипата што ја имаа и сега со него, во врв на нападот. Бев изненаден со одлуката. Не мислев дека ќе го напушти Реал, ниту дека ќе замине во Јувентус. Имаше тука многу тимови, а најмалку слушав за Јувентус, кој е многу добар тим“, изјави Меси за „Радио Каталуња“.
Барселона ја нема освоено Лигата на шампиони од 2015 година, додека во тој период, најголемиот ривал Реал трипати последователно го подигна пехарот во тоа натпреварување. Меси нагласи дека „Барса“ оваа година има голема желба да направи успех на европската сцена.