26 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
БАРСЕЛОНА (АА) - Лионел Меси, еден од најдобрите фудбалери на денешницата, со Барселона освои сѐ, а со репрезентацијата на Аргентина скоро ништо, со исклучок на олимпиското злато. Сепак, шпанските медиуми јавуваат дека изјавил оти не би менувал ниеден од освоените трофеи за титулата светски шампион, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Би сакал да бидам светски шампион. Но, мислам дека не би менувал ништо од мојата кариера да станам тоа. Ова е тоа што го добив, што Бог ми го даде. Тоа е тоа. Не можев ни да го сонувам сето она што го искусив подоцна. Тоа е поголемо од што било што можев да го замислам“, рече Меси.
Во огромната ризница на трофеи, 32-годишниот Меси меѓу останатото, има дури десет шампионски пехари и шест Кралски купови. Четирипати ја има освоено Лигата на шампиони, а трипати Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство. Со Аргентина освои златен медал на Олимписките игри во 2008 година во Пекинг. За најдобар фудбалер на светот е прогласуван шестпати.
Аргентинскиот напаѓач во академијата на Барселона пристигна на свои 14 години, а за првиот тим одигра 694 натпреварувачки меча и постигна 606 гола. За Аргентина настапи 159 пати со 84 погодоци.