Mutlu Demirtaştan
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Елитното клупско фудбалско натпреварување од Лигата на шампионите на УЕФА влегува во завршицата, а утре почнува расплетот и борбата за место меѓу осумте најдобри во оваа сезона, пренесува Anadolu Agency (AA).
Реванш-натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите ќе се одиграат утре и задутре, а останатите четири натпревари се закажани за следната недела.
По победата на првиот натпревар со 5:1, Баерн утре гостува во Лондон, кај Арсенал, којшто бележи пад во формата и мали се шансите тој да го надомести резултатското заостанување.
Во вториот утрешен меч, италијанскиот клуб Наполи ќе го дочека Реал Мадрид, кој од првиот меч носи резултатска предност од 3:1, но понесени од победата против Рома во Серија А, Наполитанците секако ќе се обидат да им ги поматат сметките на ѕвездите на Зинедин Зидан.
В среда, на распоредот се уште два, исклучително интересни натпревари од осминафиналето.
Борусија во Дортмунд го дочекува португалскиот клуб Бенфика, кој во првиот меч славеше минимална победа на домашен терен. Фудбалската јавност ја очекува неизвесен натпревар, во кој и двете екипи имаат еднакви шанси за пласирање меѓу најдобрите осум во Лигата на шампионите.
Барселона на „Камп Ноу“ ќе го дочека Париз Сен Жермен, кој во првиот натпревар ги надигра ѕвездите на Каталонија со високи 4: 0, а останува да се види дали Меси, Неимар и Суарез ќе можат да одговорат на задачата и да го стигнат резултатското заостанување.
Иако предноста на ПСЖ се чини недостижна, сепак, треба да се има предвид фактот дека останува Барселона, која може секому да даде четири или пет гола ако се расположени нејзините голгетери.
Преостанатите четири натпревари од осминафиналето во Лигата на шампионите се закажани за 14.и 15. март. Јувентус го дочекува Порто и ја брани резултатската предност од 2:0 од првиот натпревар, а дебитантот во Лигата на шампионите, Лестер Сити против Севилја ќе се обиде да ја подигне атмосферата во клубот, откако управата му даде отказ на тренерот Клаудио Раниери. Севилја ја брани предноста од 2:1 постигната на првиот натпревар.
Во завршницата на осминафиналето, силите ќе ги одмерат Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен. Првиот натпревар го доби Атлетико, со резултат од 4:2, додека во последниот натпревар Монако го дочекува Манчестер Сити. Овие две екипи на првата средба одиграа фантастичен натпревар, кој заврши со 5:3 во корист на англискиот тим.