Muhammed Enes Çallı
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, стана првиот тренер во историјата кој стигнал до пет финалиња од Лигата на шампионите, откако неговиот тим синоќа го запечати епскиот камбек со победа од 3:1 против Манчестер Сити, јавува Агенција Анадолија (АА).
Победата на лидерите во Ла Лигата со вкупни 6:5 во полуфиналето му помогна на 62-годишниот менаџер да испише историја, стигнувајќи до петтото финале во историјата на ова натпреварување.
Реал Мадрид ќе се пресмета со Ливерпул на „Стад де Франс“ во Париз на 28 мај за да ја обезбеди 14. титула во Лигата на шампионите во историјата на клубот.
Во неговото прво финале од Лигата на шампионите во 2003 година, Анчелоти го предводеше Милан до трофејот со победата од пенали над Јувентус на „Олд трафорд“.
Две години по неговата прва победа во Лигата на шампионите, Анчелоти повторно стигна до финалето, но доживеа еден од најдраматичните порази во историјата на фудбалот против Ливерпул на пенали.
Кога заврши првото полувреме, навивачите на Милан беа сосема сигурни дека нивниот тим е близу трофејот бидејќи Ливерпул имаше негатива од 3:0 на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул.
Но, „црвените“ направија едно од најголемите враќања во второто полувреме и го доведоа мечот до продолженија.
Резултатот остана непроменет во судиското продолжение, а Ливерпул го освои петтиот трофеј во Лигата на шампионите, откако по изведувањето на пенали го совлада Милан со 3:2.
Под водство на Анчелоти, Милан повторно се пласира во финалето во 2007 година и се реваншира на Ливерпул со победа од 2:1 во Атина.
Анчелоти дојде до својот прв триумф во Лигата на шампионите со Реал Мадрид во 2014 година, кога во Лисабон го победи ривалот Атлетико Мадрид со 4:1 во продолженија.
Италијанскиот менаџер е и првиот тренер кој освоил пет големи европски лиги, откако Реал Мадрид стана шампион на шпанската Ла Лига во саботата.