ИСТАНБУЛ (АА) - МУТЛУ ДЕМИРТАШТАН
По пауза од речиси една година, Зинедин Зидан повторно застанува на кормилото на Реал Мадрид.
Реал Мадрид, кој под раководството на Хулен Лопетеги и Сантјаго Солари не го прикажа очекуваниот резултат, повторно на кормилото на клубот го ангажираше Французот Зинедин Зидан, од алжирско потекло, кој на клубот му донесе многу трофеи и го напушти Реал во мај минатата година по освојувањето на третата едноподруга титула во УЕФА Лигата на шампиони, планирајќи со него да се врати на старите денови.

Зидан ќе се обиде повторно да го врати Реал Мадрид на патот на успехот. Реал, кој постојано е прикажуван како еден од фаворитите во борбата за титулата во Лигата и во натпреварувањата на кои учествува, оваа година уште во март „го фрли пешкирот“ во сите натпреварувања, а во дуелите „Ел класико“ со конкурентот Барселона на двапати загуби во текот на една недела.
Зидан, кој со тимот на Реал во последните три сезони беше на тронот на Европа, сега го презема клубот кој во шпанската Лига зад Барселона заостанува 12 поени, од Лигата на шампиони излезе во осминафиналето, а во шпанскиот Кралски куп од Барселона загуби во полуфиналето, го очекуваат голем број проблеми кои треба да ги реши како индивидуа и како тим.
- 9 освоени купа во првиот период -
Во периодот од 2001 до 2006 кога го носеше дресот на Реал Мадрид, Зидан освои 6 титули, а во периодот од 2,5 години, додека беше на кормилото на клубот, на Реал му донесе 9 титули.
Зидан (46), кој во 2016 година за првпат застана на кормилото на Реал Мадрид, влезе во историјата на европското клупско натпреварување, освојувајќи ја титулата на УЕФА Лигата на шампиони трипати едноподруго.
Покрај тоа, Зидан со Реал Мадрид на двапати ги освои Супер купот на УЕФА и Светското клупско првенство на ФИФА и по еден трофеј во шпанската Ла лига и шпанскиот Супер куп.
- Втор тренер во историјата на клубот по освоени титули -
Во 117-годишната историја на клубот, Зидан се наоѓа на второто место, според листата на тренери со најголем број освоени трофеи.
Мигел Муњоз во периодот од 1960 до 1974 година со Реал освои 14 трофеи, од кои 9 титули во Шампионатот на шпанската Ла лига и е тренер со најголем број освоени титули за Реал.
Зидан се наоѓа на втората позиција со освоени 9 трофеи, а на третата позиција е Луис Моловни со 8 трофеи. На оваа листа на 4. место е Висенте Дел Боске со 7 трофеи.
- Нема загубено финале -
Новиот технички директор на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, нема загубено ниту едно финале на кое настапил со својот клуб.
Зидан во финалињата на УЕФА Лигата на шампиони ги совлада Атлетико Мадрид, Јувентус, Ливерпул, во финалето на УЕФА Супер купот беше подобар од Севилја и Манчестер Јунајтед, во Светското клупско првенство на ФИФА ги совлада јапонскиот Кашима Антлерс и бразилскиот Гремио, додека во шпанскиот Супер куп и во двата натпревари ја совлада Барселона.
- Зидан го очекуваат голем број проблеми -
Зидан, кој на кормилото на Реал Мадрид доаѓа во вториот дел од Шпанското фудбалско првенство, го очекуваат голем број проблеми кои треба да ги реши.
Се очекува еден од првите приоритети на Зидан да биде враќањето во форма на Бразилецот Марсело, за кого се вели дека е еден од најдобрите леви бекови и кој одигра клучна улога во успехот на Реал во минатото.
Зидан, покрај Марсело, се очекува да се потруди во првиот тим повторно да го внесе Иско, кој поради недоразбирањата со Солари, извесен период не доби шанса за игра.
Францускиот тренер ќе потроши време и за подобрување на перформансот на Тони Крос, Герет Бејл и Марко Асенсио, кои имаат големи улоги во тимот на Реал Мадрид.
- Проблем на патот до голот -
Зидан ќе се потруди на Реал да му ги врати старите денови, со продуктивноста во офанзивна линија, амбицијата за победа и тимската игра.
Сликата на заситеност од успех и оддалечувањето од тимската игра на фудбалерите се причина поради која Реал, кој главно Лигата ја завршува со повеќе од 100 погодоци, оваа сезона се измачува при постигнувањето на головите.
Реал Мадрид во 27 недели од шпанската Ла лига постигна 47 погодоци, додека во Лигата на шампиони во 8 натпревари на 15 пати ги затресе противничките мрежи.
Откако Роналдо го напушти клубот, товарот на постигнување погодоци требаше да го преземат Герет Бејл, Карим Бензема, Марко Асенсио, Маријано Дијаз и Винисиус Жуниор, но тие прикажаа игра многу под очекувањата.
Најдобри стрелци меѓу играчите кои играат на различни позиции во Реал се Бензема (22), Бејл (13) и стоперот Серхио Рамос (11).
- Голем буџет за трансфер -
Се очекува во летниот период Реал да одвои голем буџет, откако на кормилото на клубот повторно доаѓа Зидан.
Шпанскиот и англискиот печат објавија вести, според кои претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, на Зидан ќе му го понуди потребниот буџет за трансфер на нови ѕвезди во клубот.
Во вестите се наведува дека меѓу имињата кои се на дневен ред на Реал Мадрид се Нејмар, Килијан Мбапе, Еден Азар и Кристијан Ериксен, и се тврди дека клубот се подготвува во летниот преоден рок за трансфери да одвои буџет од преку 300 милиони евра.