Şenhan Bolelli
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
МАДРИД (АА) - Искусниот бразилски фудбалер Дани Алвес се врати во „Ноу Камп“ и потпиша нов договор со Барселона, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алвес осум сезони настапуваше за Барселона од која замина во 2016 година, а денес се врати во каталонскиот клуб, каде го дочекаа околу десет илјади навивачи.
Според потпишаниот договор, 38-годишниот Алвес во дресот на Барселона ќе игра од 1 јануари до крајот на сезоната со можност за продолжување за уште една сезона.
Бразилскиот дефанзивец во Барселона се врати бесплатно, а навивачите со овации го поздравија потпишувањето на договорот.
„Ако се сеќавате, последен пат пред ваков микрофон реков дека не знам колку ќе трае овој сон и еве ме пак тука, бидејќи сонот уште трае“, кажа Алвес.
Тој за локалните медиуми изјави дека не се грижи за обвинувањата од оние кои имаат сомнеж за неговата физичка спремност и додаде дека тоа само дополнително го тера да биде сè подобар на теренот.
„Не земав никакви пари од Барселона и дојдов да му помогнам на клубот во ова тешко време. И порано имало тешки денови, а и тие заеднички ги пребродивме. Сега е време да се фокусираме и како тим да го вратиме клубот на местото на кое му припаѓа“, порача Алвес.
Алвес ќе го носи дресот со број осум, по примерот на Андрес Иниеста и Христо Стоичков, а со добрите играчи сака да се избори за место во бразилската репрезентација, за следната година да игра на Светското првенство во Катар.