Doğa Kırmızıoğlu
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
АНКАРА (АА) – Веќе две недели нема информации за тоа каде се наоѓа кинеската тенисерка Пенг Шуаи, за која се појавија тврдења дека била сексуално вознемирувана од поранешниот вицепремиер Жанг Гаоли, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Стив Симон, претседател и извршен директор на Женската тениска асоцијација (WTA), во изјава за американските медиуми рече дека се сомневаат во безбедноста на тенисерката, која во кариерата има освоено две грен слем титули.
Наведувајќи дека контактирале со Кинеската тениска федерација по настанот, Симон рече: „Не постои поважно прашање во нашата тениска заедница од безбедноста на спортистите. Претставниците на федерацијата во Кина нѐ уверуваат дека Пенг Шуаи е на безбедно место, но не ни дозволија да разговараме со неа.“
За последната ситуација со 35-годишната тенисерка, за која се верува дека престојува во Пекинг, главниот град на Кина, Симон рече: „Сѐ уште постои неизвесност за тоа каде се наоѓа Пенг и за нивото на нејзината безбедност. Оваа ситуација нѐ загрижува многу.“
- Поддршка за кинеската тенисерка од Ѓоковиќ и Маут -
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и францускиот тенисер Николас Маут реагираа по информациите за неизвесноста за безбедноста на тенисерката Пенг Шуаи.
Ѓоковиќ, светскиот тенисер број 1, на прес-конференција, осврнувајќи се на ова прашање, рече: „За настанот дознав пред една недела. Шокиран сум што нема информации за тенисерката која честопати ја гледав на турнирите. Оваа ситуација е многу тешка и за нејзиното семејство. Се надевам дека ќе има информации што поскоро.“
Францускиот тенисер Николас Маут, пак, нагласи:
„Задоволен сум од изјавите на Женската тениска асоцијација (WTA) дека е загрижена за ова прашање. Се надевам дека ќе ја добиеме добрата вест што е можно поскоро. Треба да бидеме обединети против овој настан и Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) треба да преземе акција пред започнување на Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Кина.“
Пенг Шуаи преку кинеската платформа „Веибо“ на почетокот на ноември сподели информација дека пред три години била принудена на сексуален однос од Жанг кој беше вицепремиер во Кина меѓу 2013 и 2018 година.
Покрај тоа што објавата беше отстранета за неколку минути бидејќи интернетот во земјата е под државна контрола, информацијата беше споделена од неколку обожаватели на кинеската тенисерка.
Женската тениска асоцијација (WTA) побара транспарентна истрага за обвинувањата, додека Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) го осуди настанот.
Пенг, која ги освои титулите на Вимблдон 2013 и Отвореното првенство на Франција во 2014 година во двојки, се искачи на 14. место во поединечниот пласман и стигна до полуфиналето на УС Опен во 2014 година.