Yunus Kaymaz
19 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) од кинеските власти побараа да достави информации за локацијата и состојбата во која се наоѓа тенисерката Пен Шуаи, за која ништо не се знае, откога на социјалните мрежи го обвини поранешниот потпретседател на кинеската Влада, Жанг Гаоли, дека сексуално ја вознемирувал, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу е важно да дојдеме до докази за тоа каде се наоѓа и како е тенисерката Пенг. Бараме и транспарентна истрага за обвиненијата за сексуално вознемирување“, кажа портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (OHCHR), Лиз Тросел.
Кинеската државна телевизија ЦГТН ја објави содржината од писмото кое наводно го напишала исчезнатата тенисерка, но претседателот и извршен директор на Женската тениска асоцијација (WTA), Стив Симон, рече дека писмото не дало одговор на прашањата каде се наоѓа и како е Пенг, туку дека со тоа само уште повеќе е зголемена загриженоста.
Тој синоќа кажа дека Женската тениска асоцијација е подготвена во целост да се повлече од Кина ако во најкраток можен рок не одговори на тие прашања.
Меѓу првите кои реагираа за исчезнувањето на тенисерката Пенг во светот беше Новак Џоковиќ, кој изјави дека е шокиран од тие информации, а се огласи и некогашната најдобра тенисерка на светот, Јапонката Наоми Осака.
Една од најголемите кинески спортски ѕвезди, Пенг, на 2 ноември на социјалната мрежа „Веибо“ го обвини Гаоли дека пред три години ја присилил на интимни односи.
Кинеската Влада сѐ уште не се огласила за обвиненијата. Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Кина, кое се бави со странските медиуми, за новинарите изјави дека не е запознаен со ситуацијата и дека не станува збор за „дипломатско прашање“.