Ekipa
19 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
РАМАЛА (АА) - Палестина денеска ја поздрави Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) која го потврдува палестинскиот суверенитет врз нејзините природни ресурси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал Малики, соопшти: „Гласањето во корист на Резолуцијата го потврдува правото и суверенитетот на палестинскиот народ врз неговите природни ресурси, вклучувајќи земјиште, вода и енергетски ресурси.“
Ал Малики побара од Израел „да престане да ги искористува природните ресурси во окупираната палестинска територија“, додавајќи дека не постои суверенитет за [израелската] окупација на земјата на државата Палестина или на кој било од нејзините градови.
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да работи за да ја принуди (израелската) окупација да ги спроведе меѓународните резолуции и да обезбеди слобода на палестинскиот народ за тој да има корист од неговите природни ресурси.
Економскиот и финансиски комитет на Генералното собрание на ОН (Вториот комитет) вчера одобри резолуција, со која се потврдува постојаниот суверенитет на палестинскиот народ над неговите природни ресурси.
Резолуцијата беше одобрена од 157 земји, додека 7 земји, вклучувајќи ги САД, Канада и Израел, гласаа против Резолуцијата.