Saadet Firdevs Aparı
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ПЕКИНГ
Кинеските медиуми објавија снимки на кои се гледа дека на младинскиот турнир во Пекинг се појавила и славната тенисерка Пенг Шуаи, за која ништо не се знае речиси три недели, од кога на социјалните мрежи го обвини поранешниот потпретседател на кинеската Влада, Џанг Гаоли, за сексуално вознемирување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организаторите на турнирот „Чајна опен“ на кинеската социјална мрежа „Веибо“ објавија снимка на која се гледа како Пенг стои покрај теренот, мавта со рацете и потпишува големи пригодни тениски топчиња за децата.
Во објавата не се наведува ништо во врска со нејзиното исчезнување, ниту за обвиненијата што ги изнела на сметка на високопозиционираниот член на владејачката Кинеска комунистичка партија.
Снимките се појавија откако државните медиуми ја споделија објавата на Ху Ксијин, главниот уредник на „Глобал тајмс“, кој наведе дека Пенг е слободна, дека престојува во својот дом и дека наскоро ќе се појави во јавноста и ќе присуствува на некои случувања.
Обединетите нации (ОН) побараа од властите на Кина да достават информации за локацијата и состојбата во која се наоѓа тенисерката Пенг Шуаи.
Кинеската државна телевизија ЦГТН ја објави содржината од писмото што наводно го напишала исчезнатата тенисерка, но претседателот и извршен директор на Женската тениска асоцијација (WTA), Стив Симон, рече дека писмото не дало одговор на прашањата каде се наоѓа и како е Пенг, туку дека со тоа само уште повеќе е зголемена загриженоста.
Една од најголемите кинески спортски ѕвезди, Пенг, на 2 ноември на социјалната мрежа „Веибо“ го обвини Гаоли дека пред три години ја присилил на интимни односи.
Кинеската Влада сѐ уште не се огласила за обвиненијата. Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Кина, што се занимава со странските медиуми, за новинарите изјави дека не е запознаен со ситуацијата и дека не станува збор за „дипломатско прашање“.