Ömer Erdem
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
КАРТУМ
Амбасадорите на Европската Унија (ЕУ) во Картум изјавија дека се подготвени да поддржат широк дијалог што ќе го извлече Судан од кризата, известува Агенција Анадолија (АА).
Според објавеното писмено соопштение, амбасадорите на ЕУ во зградата на мисијата на ЕУ во главниот град Картум се сретнале со Мухамед Хасан ет-Тајиши, член на укинатиот Совет за суверенитет, министерот за правда Насредин Абдулбари и Едиб Абдурахман, гувернер на сојузната држава Централен Дарфур.
На средбата се разговарало за прашањата како што се актуелната криза во Судан, повторното воспоставување на демократскиот процес, почитувањето на уставната декларација и важноста Абдула Хамдук, разрешениот премиер, да се врати на неговата функција.
Повторувајќи дека ги поддржуваат аспирациите на суданскиот народ за слобода, мир, правда и човекови права, амбасадорите истакнаа дека се подготвени да поддржат сеопфатен дијалог што ќе го нацрта излезот од актуелната криза.
Тајиши, Абдулбари и Абдурахман ѝ се заблагодарија на ЕУ за нејзината континуирана поддршка за демократска транзиција и за нејзините повици да се стави крај на насилството врз демонстрантите, со цел да се врати уставниот поредок во земјата и да се ослободат приведените политичари.
- Воена интервенција во Судан
Во Судан, утрото на 25 октомври премиерот Абдулах Хамдук и голем број политичари беа приведени. Наредниот ден беше објавено дека Хамдук е ослободен.
Командантот на суданската Армија, Бурхан, соопштувајќи дека прогласиле вонредна состојба, рече дека Советот за суверенитет и Кабинетот се распуштени и дека ќе се формира техничка влада која ќе ги претставува сите сегменти на земјата.
Бурхан, со декретот што го објави, го обнови Советот за суверенитет (Државно претседателство), што претходно го распушти, а себеси се назначи за претседател на 14-члениот Совет.
- Во демонстрациите загинаа 40 лица
Поддржувачите на граѓанската администрација, кои се спротивставија на интервенцијата на Армијата врз администрацијата, почнаа да протестираат излегувајќи на улица.
Суданскиот комитет на лекари соопшти дека 40 лица ги загубиле животите во интервенциите на безбедносните сили врз демонстрантите кои организираа протести со барање за враќање на цивилната администрација од 25 октомври досега, кога Армијата ја презеде власта.
Демонстрациите против военото раководство продолжуваат низ целата земја.