Doğa Kırmızıoğlu
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
АНКАРА
Кинескиот државен канал ЦГТН (CGTN) објави писмо за кое тврди дека го напишала кинеската тенисерка Пенг Шуаи, за која се појавија тврдења дека била сексуално вознемирувана од поранешниот вицепремиер Жанг Гаоли, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмото испратено до Стив Симон, претседател и извршен директор на Женската тениска асоцијација (WTA), пишува: „Наводите за сексуално вознемирување се невистинити. Не сум исчезната и не се наоѓам на место каде што не сум безбедна. Се одморам дома и сѐ е во ред. Ви благодариме што се грижите за мене.“
И покрај писмото, фактите што Пенг Шуаи не се гледа со никого или не објавува никаква содржина на своите профили на социјалните мрежи дополнително ги зголеми сомнежите во меѓународната тениска заедница дека кинеската тенисерка не е безбедна.
Во соопштението упатено преку ВТА, Стив Симон истакна дека тешко му е да поверува дека 35-годишната кинеска тенисерка го напишала тоа писмо.
„Ова писмо дополнително ја зголеми мојата загриженост за тоа каде се наоѓа и дали е безбедна. Пенг Шуаи покажа голема храброст тврдејќи дека била сексуално нападната од еден од поранешните највисоки функционери на кинеската Влада. ВТА и остатокот од светот чекаат независни и проверливи докази дека е безбедна. Се обидов неколкупати да контактирам со неа, но не успеав“, изјави Стив Симон.
Нагласувајќи дека на Пенг Шуаи треба да ѝ се дозволи слободно да зборува, Симон додаде: „Гласот на жената не треба да се цензурира или да се контролира. Тој глас треба да се слуша и почитува.“
Пенг Шуаи преку кинеската платформа „Веибо“ на почетокот на ноември сподели информација дека пред три години била принудена на сексуален однос од Жанг Гаоли кој беше вицепремиер на Кина во периодот од 2013 до 2018 година.
И покрај тоа што објавата беше отстранета за неколку минути бидејќи интернетот во земјата е под државна контрола, информацијата беше споделена од неколку обожаватели на кинеската тенисерка.
Пенг, која ги освои титулите на Вимблдон 2013 и Отвореното првенство на Франција во 2014 година во двојки, се искачи на 14. место во поединечниот пласман и стигна до полуфиналето на УС Опен во 2014 година.