Dejan Maksimovic
24 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Арсен Венгер, менаџер на Арсенал, денеска најави дека еден од неговите најдобри фудбалери, Чилеанецот Алексис Санчез е подготвен за неделното дерби во Премиер лигата против Ливерпул, на „Енфилд Роуд“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Санчез поради повреда ги пропушти првите два натпревара на „топчиите“ од оваа сезона, иако некои медиуми во целата оваа приказна го вклучија и неговиот статус во клубот. Имено, на чилеанскиот национален играч му беше понуден нов договор, кој одби да го потпише. Сепак, Венгер вели дека ова воопшто не влијае на односот на Санчез кон клупските обврски и на неговото расположение.
„Сè на сè, се чини дека Санчез е во многу добра состојба. Тој секогаш бил фокусиран на својата работа. Мислам дека не е премногу вознемирен од целата таа бучава што се создаде. Мошне е фокусиран и многу е среќен. Тоа не значи дека не постои начин да се продолжи договорот, иако засега не успеавме да го сториме тоа. Само сакаме како тим да бидеме фокусирани на она што нѐ чека, а не да ги гледаме индивидуалните договори. Санчез работи многу напорно, премногу се дава себеси и изгледа сосема подготвено. Морам да одлучам што да правам, но тој е подготвен, што е најважно“, рече Венгер.
Во првите два круга, Арсенал имаше половичен учинок. Прво пред своите навивачи го порази Лестер Сити со 4:3, а потоа беше поразен на гости кај Стоук со 0:1.
Дербито од третото коло од Премиер лигата, меѓу Ливерпул и Арсенал ќе се игра в недела, во 17 часот.