Dejan Maksimovic
24 Август 2017•Ажурирај: 25 Август 2017
МАНЧЕСТЕР (АА) - Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ го обнови договорот со Манчестер Јунајтед. Како и минатото лето, и оваа година извонредниот офанзивец потпиша едногодишен договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Ибрахимовиќ во дресот на „црвените ѓаволи“ зад себе има извонредна сезона, која беше принуден порано да ја заврши поради тешката повреда на коленото, на натпревар од Лига Европа.
Ибрахимовиќ се повреди на 20. април, на натпреварот против Андерлехт во Лига Европа, по што реши да не го потпишува понудениот едногодишен договор од страна на менаџерот Жозе Мурињо, туку да се посвети на опоравување од повредата. Иако во текот на летото медиумите наведуваа дека Ибрахимовиќ ќе ја продолжи кариератаво некој друг клуб, веројатно од Италија или од Кина, тој сепак одлучи да остане на „Олд Трафорд“.
„Се вратив за да го завршам она што го започнав. Клубот и јас отсекогаш имавме намера да останам тука“, изјави Ибрахимовиќ по потпишувањето на договорот.
Швеѓанецот изминатата сезона во дресот на Јунајтед одигра 46 официјални натпревари и постигна 28 погодоци. Со „црвените ѓаволи“ ги освои Лига купот и суперкупот на Англија, како и купот на Лига Европа.