Dejan Maksimoviç
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
МАНЧЕСТЕР (АА) - Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед го пушти Бастијан Швајнштајгер (32) да му се придружи на Чикаго Фаер, тимот кој игра во американската Главна фудбалска лига (Major League Soccer), јавува Anadolu Agency (AA).
Германскиот репрезентативец потпиша едногодишен договор со Чикаго, а според британските медиуми, ќе заработува околу 70.000 фунти (околу 80.000 евра) неделно.
„Секогаш барав можност да донесам позитивно влијание и да помогнам во нешто големо. Моето преминување во Чикаго Фаер не се разликува од таквите амбиции“, изјави Швајнштајгер за британските медиуми.
Поранешниот капитен на репрезентацијата на Германија пристигна во Јунајтед во летото 2015 година, кога менаџер беше Луј ван Гал.
Сепак, откако клубот го презеде Жозе Мурињо во летото 2016 година, Швајнштајгер не се наигра, па оваа сезона запиша само четири настапи во конкурентните натпревари.
Токму поради таа причина, одлуката за неговото заминување во Соединетите Американски Држави не е изненадувачка.
Во дресот на германската репрезентација, Швајнштајгер има одиграно 121 натпревар и постигна 24 гола, но по ЕУРО 2016 во Франција одлучи да му каже збогум на националниот тим.