Dejan Maksimoviç
10 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
САНКТ ПЕТЕРБУРГ (АА) - Во пресрет на вечерашното полуфинале на Светското првенство меѓу Франција и Белгија, во центарот на вниманието наместо играчите се наоѓа Тиери Анри, помошниот тренер на белгискиот селектор Роберт Мартинез. Енри е прославен поранешен репрезентативец на Франција со која во 1998 година освои титула светски шампион, а сега ќе биде на клупата на противниците на неговата татковина, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ни донесе нешто што немавме. Работам со истиот стручен штаб веќе 12 години, така што сè е потполно јасно во нашата методологија. Меѓутоа она што го немавме е меѓународното искуство, знаењето како се освојува светското првенство, како да се биде фудбалер кој игра пред целиот свет и познавање на чувствата во тие моменти. Тиери Анри ни го донесе тоа“, изјави Мартинез.
Кевин де Бројне, играчот од среден ред на репрезентацијата на Белгија, вели дека Анри можеби би ја пеел француската химна пред натпреварот, но дека неговата лојалност на селекцијата во која моментално работи е потполна и не се става во прашање.
„Можеби ќе ја пее Марсељеза, што за мене би било нормално. Нему во полуфиналето би можело да му биде тешко, но сега работи во репрезентацијата на Белгија и сака да победиме. Тоа е фудбал“, изјави Де Бројне.
Францускиот селектор Дидие Дешам и некогашниот репрезентативен соиграч на Анри, со кој ја освои титулата шампион на светот, истакнува дека е свесен оти би можело да му биде тешко.
„Задоволен сум поради него, бидејќи тој е некој кого навистина го ценам. Игравме заедно во репрезентацијата, тој е навистина помлад, а јас бев пред крајот на кариерата. Секако, сега е во тешка ситуација, навистина не му е лесно. Во фудбалот сето ова се случува, да си на страна на противничкиот тим. Меѓутоа, знаеше од моментот кога се приклучи на стручниот штаб на Мартинез дека тоа може да се случи. Од лична гледна точка, многу ми е мило што ќе го сретнам на натпреварот“, нагласи Дешам.
Анри во дресот на „триколорите“ одигра дури 123 натпревари и постигна 51 гол. Освен пехарот од Светското првенство во 1998 година, има и титула шампион на Европа од 2000 година.
Натпреварот на полуфиналето на Светското првенство во Русија меѓу Франција и Белгија ќе се игра вечерва со почеток во 20 часот на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург.