Mutlu Demirtaştan
14 Март 2019•Ажурирај: 17 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Барселона и Ливерпул се последните екипи кои обезбедија пласман во четвртфиналето на УЕФА Лигата на шампиони, пишува Anadolu Agency (AA).
Синоќа се одиграа последните две средби од осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони.
По првата средба во Лион, која заврши нерешено без погодоци, 0:0, Барселона на домашен терен го пречека тимот на Олимпик.
Барселона извојува убедлива победа со погодоците на Лионел Меси во 18. и 78. минута, Филипе Кутињо во 31., Жерард Пике во 81. и Усман Дембеле во 86. минута од натпреварот, обезбедувајќи пласман во четвртфиналето на Лигата на шампиони. Единствениот погодок за Олимпик Лион го постигна Лукас Тузар во 58. минута.
Меси го одигра својот 131. натпревар во Лигата на шампиони во дресот на Барселона. Прв на листата меѓу фудбалерите од Барселона со најголем број настапи во Лигата на шампиони е Чави со 151 натпревар.
- Ливерпул победи на гостински терен -
По нерешено одиграниот натпревар во Англија, Баерн на домашен терен во Минхен го пречека Ливерпул.
Ливерпул поведе со 0:1 на жешкиот терен во Минхен со погодокот на Садио Мане во 26. минута, но Баерн успеа да изедначи на 1:1 во 39. минута од натпреварот преку Жоел Матип. Со тој резултат заврши првото полувреме.
Победата на Ливерпул од 1:3 во второто полувреме му ја донесоа Вирџил ван Дајк во 69. и Мане во 84. минута од натпреварот.
Од друга страна, голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, го идигра својот 100-ти натпревар во Лигата на шампиони.
Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Барселона, Јувентус, Ајакс и Порто се екипите што ќе се натпреваруваат во четвртфиналето на УЕФА Лигата на шамипони.
Средбите од четвртфиналето на Лигата на шампиони се закажани за 9-10 и 16-17 април. Извлекувањето на паровите од четвртфиналето е закажано за утре, 15 март.