Doga Kirmizioglu
14 Март 2019•Ажурирај: 15 Март 2019
Во осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони, најдобар перформанс прикажаа англиските претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
По натпреварите од осминафиналето во најпрестижното фудбалско клупско натпреварување во Европа, УЕФА Лигата на шампиони, во наредното коло поминаа сите фудбалски клубови од Англија.
Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Манчестер Сити и Тотенхем, со пласманот во четвртфиналето на Лигата на шампиони, го повторија успехот што англиските клубови го постигнаа во сезоната 2008/2009. Таа сезона во четврфиналето на Лигата на шампиони се пласираа Ливерпул, Челзи, Манчестер Јунајтед и Арсенал.
Покрај овие четири англиски претставници, во четвртфиналето ќе играат и Ајакс (Холандија), Барселона (Шпанија), Јувентус (Италија) и Порто (Португалија).
- Германија и Шпанија доживеаја разочарување
Земја која доживеа најголемо разочарување во Лигата на шампиони е Германија. И покрај тоа што во осминафиналето на Лигата, Германија имаше тројца претставници, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Шалке 04, ниту еден нејзин претставник не успеа да се пласира во четвртфиналето, што е првпат по 13 години.
Шпанија, чиј претставник Реал Мадрид е минатогодишниот освојувач на титулата во УЕФА Лигата на шампиони, во осминафиналето имаше тројца претставници, но по поразите на тимовите од Мадрид, Реал и Атлетико, во четвртфиналето ќе ја претставува само Барселона.
- Нови рекорди на Барселона
Со победата во осминафиналето на домашен терен над Олимпик Лион со 5:1, Барселона обезбеди пласман во четвртфиналето и постави голем број нови рекорди.
Во Лигата на шампионите Барселона на стадионот „Ноу Камп“ досега одигра 30 натпревари, постигнувајќи 27 победи и 3 нерешени средби. Со оваа победа, Барселона го презеде рекордот од Баерн Минхен кој на домашен терен немаше претрпено пораз на 29 натпревари.
Истовремено Барселона е сопственик и на рекордот од 12 пласмани едноподруго во четвртфиналето во Лигата на шампиони.
- Роналдо го достигна Меси
По поразот во Мадрид од Атлетико од 2:0, Јувентус во реванш-средбата извојува победа од 3:0 и се пласираше во четвртфиналето, а најголема заслуга за тоа имаше фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо кој на овој натпревар постигна хет-трик, изедначувајќи уште еден рекорд во ова најпрестижно фудбалско клупско натпреварување во Европа. Роналдо (34) го постигна својот 8. хет-трик во Лигата на шампиони, со што португалскиот интернационалец на тоа поле се изедначи со аргентинската ѕвезда во редовите на Барселона, Лионел Меси.
- Во натпреварувањето за голгетер на ЛШ засега двајца фудбалери
Во борбата за голгетер на УЕФА Лигата на шампиони, на врвот со по 8 погодоци се наоѓаат Меси и Роберт Левандовски од Баерн Минхен. Меси има предност, бидејќи Баерн излезе од понатамошното натпреварување во Лигата.
Зад нив со по 6 постигнати погодоци следуваат Муса Марега од Порто и Душан Тадиќ од Ајакс.
- Жребка за четвртфинале
Ждребката на парови во четвртфиналето и полуфиналето на Лигата на шампиони ќе се одржи утре во Нион со почеток во 12 часот.
Првите натпревари од четвртфиналето ќе се одиграат на 9 и 10 април, а реванш средбите се закажани за седум дена подоцна.
Финалето на Лигата на шампиони ќе се игра на 1 јуни на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.