Heman Hussein Yaseen
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
ЕРБИЛ (АА) - Језидите во Ирак упатија повик до Владата во Багдад да ги спаси нивните деца киднапирани од страна на терористичката организација ПКК, и рекоа дека припадниците на терористичката организација ДАЕШ, кои ги убиваа Језидите, денес се во редовите на ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Језидите кои живеат во подрачјето на Синџар во Мосул, и се под притисок на ПКК од 2014 година, организираа демонстрации со барање да се вратат нивните деца киднапирани од ПКК.
Семејствата се обидоа нивниот глас да го слушне администрацијата во Багдад, како и Обединетите нации (ОН).
Претседателот на Општинскиот совет на Синџар, Вејси Наиф, во изјавата за АА рече жителите на Синџар реагирале на присуството на ПКК во Синџар и дека сакаат ПКК да биде расчистена од регионот заради злосторството што го прави врз децата.
Наведувајќи дека администрацијата на ОН и Багдад треба да ја земат во свои раце оваа состојба што е можно поскоро, Наиф рече: „ПКК киднапираше десетици млади луѓе. Затоа, ПКК треба да се отстрани од регионот.“
Тој истакна дека ПКК го одзела земјоделското земјиште на населението на Синџар. „Не дозволуваат граѓаните да ја обработуваат земјата.“
Потсетувајќи дека терористичката организација од 2014 година ги спречува Језидите да се вратат дома, Наиф рече:
„Да не беше тука ПКК досега 80 отсто од граѓаните на Синџар ќе се вратеа во своите домови. Барањето на народот е заедничка сила составена од ирачката Армија и силите на Пешмергите да биде распоредена во регионот, а терористичката организација да биде расчистена од регионот“.
- „Нема да престанеме да ги бараме нашите киднапирани деца“ -
Според информациите од локалните медиуми, Језидите на демонстрациите носеле фотографии на нивните деца кои биле киднапирани од ПКК.
Хајдар Решо, еден од демонстрантите, рече дека неговиот син Селами бил одведен в планина. „Ние од ирачката централна Влада сакаме да ги врати нашите деца кои се киднапирани од ПКК и приврзаниците.“
Изјавувајќи дека тие ќе ги продолжат демонстрациите сè додека не го најдат нивниот син, Решо рече:
„Ако Владата не го исполни нашето барање ние нема да се откажеме од демонстрациите. Ги бараме нашите права. Таму каде што е потребно ќе организираме демонстрации.“
Една мајка на киднапирано дете, која заедно со сопругот присуствуваше на демонстрациите, рече: „Мојот син беше киднапиран пред една недела. Немам информации каде е. Сакам ирачката централна Влада да го спаси мојот син од ПКК.“
- „Поминаа три години и три месеци, син ми не се врати“ -
Таткото на киднапираниот Хазим вели дека ПКК го киднапирала неговиот син во април 2017 година. „Поминаа три години и три месеци, син ми не се врати.“
Мајката на Хазим рече дека немаат никакви информации за судбината на нивниот син.
- Припадниците на ДЕАШ кои ги убиваа Језидите се наоѓаат во редовите на ПКК -
Во заедничката изјава објавена во име на Језидите од Синџар по демонстрациите се истакна дека присуството на терористичката организација ПКК во регионот никогаш нема да биде прифатено.
Во изјавата се вели:
„Бараме од ОН и ирачката централна Влада да ги мобилизираат сите средства за да ги спасат киднапираните Језиди. ПКК треба да ја напушти областа Шенгал затоа што припадниците на ДЕАШ, кои ги убиваа Језидите, се наоѓаат во редовите на ПКК. Уште еднаш истакнуваме дека никогаш нема да прифатиме Шенгал да биде нов Кандил“, порачаа жителите на ирачки Синџар.