Betül Yürük
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Јапонскиот премиер Суга Јошихиде истакна дека Јапонија е решена следното лето да биде домаќин на Олимписките и параолимписките игри во Токио како доказ дека човештвото ја победило епидемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Суга се обрати на 75. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), кое годинава се одржува преку интернет поради епидемијата на Ковид-19.
Укажувајќи на тоа дека ќе вложи максимални напори за безбедно одржување на Олимписките игри во Токио, Суга рече: „Јапонија е решена следното лето да биде домаќин на Олимписките и параолимписките игри во Токио како доказ дека човештвото ја победи епидемијата.“
Суга, исто така, изјави дека Јапонија може да им даде двегодишен кредит до 4,5 милијарди долари на земјите во развој како дел од борбата против епидемијата.
Коментирајќи ја Северна Кореја, Суга рече дека Јапонија сака да ги нормализира односите со Пјонгјанг и дека е подготвена безусловно да преговара со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за сите прашања, од нуклеарното оружје и ракети, па сè до притворените лица.