Ahmet Furkan Mercan
15 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
Јапонија ќе обезбеди итна хуманитарна помош од 13 милиони долари за Филипините кои се погодени од тајфунот Одета, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за надворешни работи на Јапонија.
Во соопштението се вели дека јапонската Влада ќе испрати помош за Филипините кои во декември минатата година беа погодени од тајфунот Одета.
Се истакнува дека оваа хуманитарна помош е во вредност од 13 милиони долари, а помошта ќе биде доставена преку шест различни меѓународни организации, вклучувајќи ги и Високиот комесаријат за бегалци на ОН и Светската програма за храна на ОН.
Во соопштението се наведува дека помошта ќе биде доставена до лицата што се погодени од тајфунот и поплавите во зоните во централниот и јужниот дел на Филипините.
„Јапонија планира да биде во блиска соработка со Филипините со цел брзо закрепнување на погодените зони“, се вели во соопштението.
Според неофицијалните податоци, тајфунот Одета предизвика штета од околу 800 милиони долари, а е причина за смртта и на 410 лица. Моментално 80 лица сè уште се водат како исчезнати.