Ahmet Furkan Mercan
13 Април 2021•Ажурирај: 14 Април 2021
ТОКИО
Владата на Јапонија донесе одлука радиоактивната вода од нуклеарната електрана „Фукушима“ да се испушта во наредните две години во морето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Јошихиде Суга ја објави одлуката по состанокот на Владата, а во таа прилика изјави дека одложувањето на прочистената вода е неизбежно при разградувањето на нуклеарната електрана „Фукушима Даичи“.
Суга нагласи дека Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) и другите независни организации ќе бидат вклучени во процесот, за да се набљудува дека планот се спроведува транспарентно.
Тој додаде дека планот на ослободување исто така се темели на научните принципи на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).
Радиоактивните материјали настанати во чистата вода, која функционира како течност за ладење во реакторите, се разградуваат, освен трициумот, благодарение на напредниот систем за обработка на течноста (ALPS).
Според планот, водата што го содржи елементот трициум ќе се разреди на ниво од 1.500 бекерели по литар. Така операторот на постројката „Tokyo Electric Power“ (TEPCO) ќе може повремено во морето да испушта вода чија количина од ден на ден се зголемува.
TEPCO проценува дека, доколку водата што се складира во постројката не се испушти, објектот ќе го наполни својот резервоар најдоцна до есента 2022 година.