Ömer Faruk Yıldız
13 Април 2021•Ажурирај: 13 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Најмалку 710 лица се убиени за време на демонстрациите во Мјанмар, што започнаа откако на 1 февруари во таа земја е извршен воен удар, се потврдува од Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) се наведува дека во изминатите 24 часа починале 4 лица.
Исто така, се наведува дека вкупниот број на убиени се зголемил на 710, а приведени се 3.080 лица.
Се истакнува дека е издаден налог за приведување на 697 лица кои се противат на воениот пуч.
Во извештајот се забележува дека 50 лица што досега ги загубиле своите животи се деца.
- Скоро 100.000 цивили ги напуштија своите домови во Баго
Од друга страна, многу цивили ги напуштија своите домови во Баго, каде што Армијата на Мјанмар уби најмалку 82 лица во вооружената интервенција против демонстрантите.
Говорејќи за медиумите на Мјанмар, активистите истакнаа дека по масакрите врз цивилите од страна на Армијата на Мјанмар на 10 април, приближно 100 илјади луѓе ги напуштиле своите домови и се засолниле во селата во близина на градот.
Во областа Ма Га Дит во Баго, на 10 април, војниците и покрај предупредувањата отворија оган врз демонстрантите кои продолжија со протестите.
Најмалку 82 лица беа убиени како резултат на вооружената интервенција на Армијата, а војниците зедоа некои цивили како заложници и поставија услов да им ги предадат на нивните семејства за пари.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.