Ahmet Furkan Mercan
08 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
ТОКИО
Јапонија ќе обезбеди 300 милијарди јени (2,6 милијарди долари) за поддршка на земјите во развој во следните три години за борба против недостигот на храна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јапонскиот премиер Фумио Кишида, на Самитот чиј домаќин е неговата земја, зборуваше за кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот и борбата против гладот во светот.
Тој истакна дека Јапонија ќе испрати 10 милиони дози вакцини против коронавирусот на африканските земји кај кои итно се потребни вакцини по избивањето на варијантата Омикрон.
„Надминувањето на пандемијата на Ковид-19 е итно прашање“, нагласи Кишида.
Тој истакна дека борбата против пандемијата има значително влијание и на храната.
Вети дека во рамките на борбата против гладот ќе ги поддржува земјите во развој за 300 милијарди јени (околу 2,6 милијарди долари) во наредните три години.
Како што изјави тој, пандемијата негативно влијаела на економските активности и ланците на снабдување.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме постигнувањето универзално здравствено осигурување како принцип на безбедност за луѓето и воспоставувањето одржливи системи на исхрана“, изјави Кишида.