Atila Altuntaş
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
СТОКХОЛМ
Агенцијата за јавно здравје на Шведска денеска ги укина сите ограничувања за Ковид-19 и објави дека се прекинати и тестирањата за Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Карин Тегмарк Висел, раководител на Агенцијата за јавно здравје, истакна дека од денеска во земјата се укинати сите ограничувања за Ковид-19.
Висел истакнува дека државата ги прекина тестовите за Ковид-19 поради трошоците.
„Неделните тестови за Ковид-19 ја чинат државата 55 милиони долари, а месечните трошоци се 220 милиони долари, така што ги прекинавме тестовите за Ковид-19“, рече Висел.
Посочувајќи дека од денеска само здравствените работници ќе можат да прават бесплатен тест за Ковид-19, Висел истакна дека државата и осигурувањата нема да ги плаќаат надоместоците на оние кои доброволно ќе направат тест за Ковид-19 за да излезат од земјата.
Од друга страна, Шведска од денеска ги прекина и сите мерки како што се дигитална патна картичка, потврда за вакцинација или тест што се бараат од земјите на Европската Унија (ЕУ).
Според бројките објавени од Агенцијата за јавно здравје, бројот на лица кои ги загубија животите поради Ковид-19 во Шведска се зголеми на 16.244, а бројот на заболени, на 2.354.455.
- Финска ќе ги укине ограничувањата за Ковид-19 на 1 март
Премиерката на Финска, Сана Марин, исто така рече дека ограничувањата за Ковид-19 во земјата ќе бидат олабавени на 14 февруари, а ќе бидат укинати од 1 март.
Данска, прва од скандинавските земји целосно ги отстрани ограничувањата за Ковид-19 на 1 февруари, Норвешка, пак, најави дека ограничувањата ќе бидат укинати на 19 февруари.