Ahmet Karaahmet, Mehmet Burak Karacaoğlu
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
ИДЛИБ (AA) - Според првичните информации, четворица цивили загинаа, а двајца се повредени во нападите што режимот на Асад ги изврши врз центарот на областа Идлиб, во северозападниот дел на Сирија.
Силите на режимот, составени од Армијата на режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран, стационирани во областа Серакиб, југоисточно од Идлиб, го нападнаа центарот на градот Идлиб гранатирајќи го со проектили земја - земја.
Врз основа на информациите добиени од страна на Цивилната одбрана (Бели шлемови), според првичните проценки, во нападот врз центарот на градот Идлиб загинале четворица цивили, меѓу кои една жена и едно дете, а двајца цивили се повредени.
Повредените се префрлени во локалните болници.
Од друга страна, во текот на денот, руски воени авиони ранија четворица цивили во воздушниот напад извршен врз камп во градот Марат Мисрин во Идлиб.
- Состојбата во Идлиб -
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири зони на деескалација во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година, силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значајни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Министерството за национална одбрана на Турција на 10 јануари објави дека Турција и Русија се согласиле за прекин на огнот кој ќе започне на 12 јануари 2020 година во 00:01 часот, но режимот на Асад и неговите сојузници ги продолжија своите напади во Идлиб, игнорирајќи го прекинот на огнот.
По тоа, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател во Москва на 5 март 2020 обезбедија нов договор. Последниот договор за прекин на огнот стапи на сила на 6 март 2020, во 00:01 часот.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на режимот и на Русија.