Bayram Altuğ
07 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
КРАН-МОНТАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Конференијата за Кипар, каде што во последните 10 дена се правеа напори да се пронајде сеопфатно решение за кипарското прашање, заврши без никаков резултат, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите за решавањето на кипарското прашање започнаа на 12 јануари во Женева, а новиот круг од преговорите заврши по десетдневните разговори во швајцарскиот град Кран Монтана, без резултат.
Турскиот министер Чавушоглу, кој беше присутен на преговорите, на прес-конференцијата изјави дека преговорите, за жал, не дале резултат.
„Иако грчката страна го одбиваше планот на Анан, во последните 15 години, колку што сме на власт, дадовме секаков можен придонес за кипарското прашање да се пронајде праведно и долгорочно решение. Можам да се заблагодарам на кипарската турска страна поради конструктивната улога во процесот. Турската страна по преговорите стори сѐ што е можно за долгорочно и праведно решение“, порача Чавушоглу и додаде:
„Ваквиот резултат укажа и на тоа дека решението во рамките на параметрите на мисијата на добра волја на ОН не е можно. Би било бесмислено да се инсистира понатаму во овие параметри“.
На прашањето на новинарот дали за негативниот резултат од преговорите се одразило и тоа што грчката страна за време на преговорите на „своите медиуми“ им подели одредени документи и информации, Чавушогли одговори:
„За жал, видовме многу негативни чекори што не можат да се поврзат со чесно однесување. Ние во овие преговори ќе бидеме достоинствени. Никого не изневеривме. Кажавме што сакаме, но и што не сакаме. Јасно укажавме на тоа кои се нашите црвени линии“.
Главните теми на преговорите во Швајцарија беа идниот економски систем во Кипар, членството во Европската Унија, распределбата на власта, правниот статус на земјиштето, гаранциите, безбедносниот систем и сопственоста над јавните ресурси. Целта на преговорите е обединување на поделениот Кипар во федерална целина, а тоа решение во голема мера ќе ги одреди и идните односи на Турција со Европската Унија.
Последниот обид за обединување на Кипар заврши неуспешно во 2004 година, кога гласачите во Република Кипар на референдум одбија да го прифатат планот предложен од страна на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
Островот Кипар е поделен во 1974 година, со избувнувањето на воениот удар во грчкиот, јужен дел на Кипар, кој беше проследен со обид за прогон на кипарските Турци, а тоа беше повод за воена интервенција на Турција како земја-гарант на мирот на овој остров.
Оттогаш постојат Република Кипар, која е членка на Европската Унија, и Турска Република Северен Кипар. Турција го задржа военото присуство на островот, како гаранција за мирот и стабилноста. Сегашните власти на двата дела на Кипар и делегациите на Турција и на Грција работат на создавање план за обединување на Кипар во федерална целина.