Mehmet Burak Karacaoğlu
20 Септември 2022•Ажурирај: 20 Септември 2022
ИДЛИБ (АА)
- Мехмет БУРАК КАРАЏАОГЛУ
Цивилите кои беа насилно раселени од силите на Башар Асад и се засолнија во импровизираните шатори во провинцијата Идлиб, се борат со високите температури, кои се многу повисоки од сезонските норми, известува Агенција Анадолија (АА).
Температурата која во текот на денот достигнува 43 степени уште повеќе го отежнува животот во шаторите каде што меѓу засолнетите повеќето се жени и деца.
Температурата во шаторите од време на време може да се искачи и до 50 степени бидејќи се директно изложени на сончева светлина.
Екстремните горештини можат да доведат до смрт кај оние со хронични заболувања, а исто така и до појава на разни кожни болести кај децата.
Децата на кои им е отежнат животот поради температурата на воздухот кој е над сезонската нормала, се разладуваат со истурање на малку вода врз главата.
- „Особено малите бебиња се изложени на ризик“
Доктор Ахмед Хамдам, кој работи во болницата на институцијата Сириско-американско медицинско друштво (SAMS) во провинцијата Идлиб, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека поради екстремните горештини ова лето, децата се заразуваат со многу болести, особено честа појава се труењето со храна и случаи на топлотен удар.
Наведувајќи дека во шаторите нема клими или вентилатори, Хамдан посочи: „Особено малите бебиња се изложени на ризик. Тие се соочуваат со болести како што се цревни инфекции, отежнато дишење и тахикардија.“
Хамза Дибо, шеф на кампот Ријфејин во регионот Харбануш во северниот дел на Идлиб, истакна дека сите кои живеат во камповите се соочуваат со недостиг на основни средства за живот.
Наведувајќи дека хуманитарните организации даваат 28 литри вода на едно семејство дневно, рече: „Не можеме да најдеме доволно вода за пиење. Температурата на воздухот е меѓу 40 и 42 степени.“
Дибо информираше дека во кампот живеат 103 семејства и подвлече: „Бараме од организациите за хуманитарна помош да ја зголемат поддршката со вода за цивилите во екстремно топлите денови ова лето. Во топлите денови, немаме други засолништа, само шатори и сенката на дрвјата.“
Дибо меѓу другото нагласи: „Хоспитализиравме голем број деца кои имаа некои болести, како што е труењето поради високата температура.“
Ибрахим Рахмун, кој престојува во кампот, истакна: „Поради екстремните горештини, жителите на кампот страдаат од многу болести како што се дијареа, тонзилитис, цревни воспаленија и инфекции на градниот кош.“