Büşra Selvi Öğütcen
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Светски познатиот британски физичар Стивен Хокинг истакна дека одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, за повлекување на неговата земја од Парискиот климатски договор може да ѝ наштети на Земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хокинг во изјава за „BBC“ (Би-би-си) предупреди дека одлуката на Трамп за повлекување на САД од Парискиот климатски договор може да предизвика неповратни климатски промени.
„Овој чекор може да ја стави Земјата на патот кон претворање во стаклена градина како Венера“, истакна Хокинг.
Тој истакна дека агресијата е во човечката природа и оти единствениот начин за преживување е да се живее на друга планета. Според Хокинг, потезите на Трамп можат да ја доведат Земјата до работ да се претвори во Венера, планета каде што температурата изнесува 250 степени и има врнежи од сулфурна киселина.
„Климатските промени се една од најголемите опасности со коишто се соочуваме, но ако сега преземеме акција, тоа можеме да го спречиме. Со негирањето на доказите за климатските промени, како и со повлекувањето од Парискиот климатски договор, Доналд Трамп ќе предизвика штета којашто може да се спречи, врз животната средина на нашата прекрасна планета“, вели тој.
Хокинг истакна дека нема знаци за намалување на конфликтите на Земјата. Тој додаде дека оваа ситуација станува уште поочајна со милитаризацијата на технологијата, како и со развивањето на оружја за масовно уништување.
„Независни колонии во вселената би можеле да бидат надеж за преживување на човековата раса“, тврди Хокинг.
Тој нагласува дека Брегзит ќе предизвика непоправливи штети на британските истражувања, и пренесе дека Брегзит ќе ја изолира британската наука, и ќе ја направи интровертна.
- „Мојот најголем успех е кога открив дека црните дупки не се јами без дно“ -
Хокинг вели дека неговиот најголем успех е откритието дека црните дупки не се јами без дно.
Британскиот физичар вели дека квантните ефекти предизвикуваат црните дупки да светат како топли тела со пониска температура, и дека тие ја зголемуваат црната дупка.
Тој истакнува дека овој резултат, кој е сосема неочекуван, ја покажува длабоката врска меѓу гравитацијата и термодинамиката, и посочи дека ова ќе биде клучно да се разбере како може да се решат парадоксите меѓу квантната механика и општата релативност.
Хокинг вели дека кога му била дијагностицирана болеста на 21-годишна возраст, тој мислел дека за две до три години ќе почине, но додава дека сега, 54 години подоцна, иако е послаб и во инвалидска количка, сè уште работи и создава научни трудови.
Тој вели дека студиите ги прави со помош на своето семејство и пријателите, со големи тешкотии.
Прочуениот британски научник е познат по опсежните студии во областа на квантната физика, како и студиите за црните дупки. За време на неговите студии на Универзитетот „Кембриџ“ му била дијагностицирана болеста амиотрофична латерална склероза. Хокинг е зависен од инвалидската количка специјално дизајнирана за него, опремена со компјутерски систем. Со помош на тој систем, Хокинг комуницира користејќи 2.500 зборови дневно, и на тој начин ги изведува неговите научни студии.