Şerife Çetin
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
БЕРИНГЕН (AA) – Властите на Фламанскиот регион ја избришаа од официјалната листа на верски објекти и ја скратија финансиската поддршка за Фатиховата џамија во Беринген, која е најголемата џамија во Белгија, а е под покровителство на турскиот Дијанет, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за внатрешни работи во белгискиот регион Фландрија, Лизбет Хоманс, потврди дека белгиските власти на Фатиховата џамија во Беринген ѝ го одзеле статусот на верски објект поради наводниот дискриминаторски однос на раководството на џамијата кон поддржувачите и симпатизерите на терористичката организација ФЕТО.
„Утврдено е дека џамијата Фатих во Беринген намерно не им овозможува на некои заедници да вршат верски обреди и ги раскарува припадниците од различни групи. Особено, ова право им се ускратува на припадниците на 'Ѓуленовото движење'. Ова движење во нашата земја никогаш не спроведувало радикални, ниту какви било активности што би го нарушиле јавниот ред“, се вели во писменото соопштение на министерката Хоманс.
Процедурата за одземање на статусот на верски објект на џамијата Фатих во Беринген започна во април оваа година, а укинувањето на таа лиценца значи дека џамијата нема да ги добива средствата што регионалната влада ги издвојува за верските објекти.
Раководството на џамијата негодуваше поради тој процес и до министерката Хоманс упати писмо што таа одби да го прими.
Во писмото, меѓу другото, се наведува дека групата што министерката Хоманс ја нарекува „Ѓуленово движење“ всушност е опасната терористичка организација ФЕТО, која на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар во Турција.
Управата на џамијата вели дека ФЕТО во никој случај не се разликува од ДЕАШ и оти обврска на раководството на џамијата е да ги предупреди сите муслимани за таа закана и целата територија на Белгија, бидејќи членовите на ФЕТО ги злоупотребуваат верските чувства на луѓето во Белгија со цел да ги остварат своите терористички планови.
Челниците на џамијата којашто е под покровителство на турскиот Дијанет во Белгија, во таа пригода истакнаа дека оваа верска куќа е отворена за сите верници и за луѓето со добра намера, и оти борбата против сите групи што ги злоупотребуваат верските чувства на луѓето и поттикнуваат на насилство е обврска на целото општество, вклучувајќи го и раководството на џамијата Фатих.