Ekipa
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - ОМЕР КИЛИЧ/ХУСЕЈИН ЕРДОГАН - Маказиве Мандела, ќерка на легендарниот лидер на Јужна Африка, Нелсон Мандела, истакна дека пред да дојдат Англичаните и Холанѓаните во Јужна Африка, нивните предци живееле без проблеми во земјата. „Откако ги открија рудниците на континентот, нашите предци кои живееја во Јужна Африка беа избркани, и среќата заврши“, пишува Anadolu Agency (AA).
Мандела во разговор за АА се осврна на јужноафриканската историја, како и на периодот на колонијализмот на африканскиот континент.
Таа истакна дека црномурестите луѓе од африканскиот континент, особено од Јужна Африка, живеат тежок живот, а до 1994 година, кога земјата стана независна, на црномурестите луѓе што живееле во Јужна Африка им била наметната перцепцијата дека белците се супериорни во однос на црномурестите.
Мандела се осврна на дискриминацијата во земјата во периодот пред 1994 година, и истакна: „Законите се донесени врз основа на дискриминација и расизам, постоеле за да ги покријат неправдите што ги правеле. Ние, црномурестите, не можевме да одиме во училиштата и болниците каде што одеа белците, не можевме да ги оствариме нашите потреби за образование и здравство. Црномурестите во земјата никогаш не живееја под еднакви услови. Тие никогаш не веруваа дека ние, црномурестите, можеме да имаме свој бизнис, можеме да раководиме компании, можеме да владееме со државата, можеме да имаме каква било идеја, и оти можеме да бидеме слободни, креативни и паметни личности кои ќе дадат придонес во општеството“.
Како што рече Мандела, постoела јасна разлика од општествен аспект, меѓу црномурестите и белците во земјата. Според неа, причината за тоа е бидејќи црномурестите го имаат образовниот систем БАНТУ, кој како основа ги има само африканските јазици, и врз основа на тоа овој образовен систем нив ги оддалечува од меѓународниот образовен систем.
- „Политичката слобода доаѓа со економската слобода“ -
Мандела нагласува дека без економска слобода не може да има политичка слобода, и посочува дека Англичаните и Холанѓаните со колонијализација и дискриминација им ја зеле од раце економската моќ на црномурестите.
Таа истакна дека се водела значајна борба за слобода во периодот на апартхејдот, политика која била во сила до 1994 година и којашто предвидува легална дискриминација на небелите раси.
„Сакам нешто да кажам како ќерка на Нелсон Мандела: татко ми не беше единствениот човек на африканскиот континент кој се бореше за слобода; борбата беше успешна со големиот број негови пожртвувани пријатели. Се случија многу промени во последните 20 години на африканскиот континент, но нив не ги гледам како доволни. Имаме потреба од похрабри и вредни африкански лидери на континентот. Има резерви на злато, дијаманти и природен гас во Африка, резерви на платина, злато, дијаманти, јаглен во нашата земја, и резерви на природен гас во крајбрежјето. Треба повеќе да се трудиме за сите жители на оваа земја да имаат корист од економијата на Јужна Африка“, истакнува Мандела.
Таа вели дека соработката меѓу Турција и Јужна Африка е недоволна. „Се сретнав со некои турски бизнисмени во Јужна Африка. Турција има многу напредни искуства во областа на градежништвото и текстилот. Можеме да соработуваме и да ги споделиме нашите трговски искуства. Јужна Африка ги чека турските бизнисмени“, додаде Мандела.