Bayram Altuğ
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
КРАН МОНТАНА (АА) - Во швајцарскиот град Кран Монтана продолжија преговорите за решавање на кипарското прашање, а делегациите своите предлози и ставови ги предадоа на делегацијата на ОН која посредува во преговорите, јавува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата во конгресниот центар Le Regent (Ле Регент) на Алпите продолжи со утринскиот состанок на делегациите на Турската Република Северен Кипар и на кипарските Грци, како и делегации од земјите-гаранти Турција, Грција и Велика Британија.
Земјите-гаранти на специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде, му ги предадоа предлог-решенијата по прашањето на безбедноста и гаранцијата на мирот на Кипар, а потоа и делегациите на двата дела на Кипар ги предадоа своите предлози, кои ги вклучуваат сите други важни прашања за решавање на кризата, која трае веќе пет децении.
Делегациите се повлекоа за да ги анализираат предлозите на другите страни, а продолжението на преговорите се очекува вечерва во 18 часот по локално време.
При излегувањето од салата, претседателот на Турската Република Северен Кипар, Мустафа Акинџи, во кратко обраќање кон новинарите истакна дека претходно нагласил оти оваа недела ќе биде пресудна за иднината на Кипар, и дека брзо ќе биде познат исходот од конференцијата, која започна пред шест дена.
Главните теми на преговорите во Швајцарија се идниот економски систем во Кипар, членството во Европската Унија, распределбата на власта, правниот статус на земјиштето, гаранциите, безбедносниот систем и сопственоста врз јавните ресурси. Целта на преговорите е обединување на поделениот Кипар во федерална целина, а тоа решение во голема мера ќе ги одреди и идните односи на Турција со Европската Унија.
Шефот на турската дипломатија Чавушоглу, претходно изјави дека турската делегација е дојдена со цел да се постигне сеопфатен и траен договор и дека не може вечно да се преговара. Тој рече дека прашањата за безбедноста и гаранциите за Кипар се од суштинско значење за Турција.
Последниот обид за обединување на Кипар неуспешно заврши во 2004 година, кога гласачите во Република Кипар на референдум одбија да го прифатат планот предложен од страна на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
Островот Кипар е поделен во 1974 година со избувнувањето на воениот удар во грчкиот, јужен дел на Кипар, кој беше проследен со обид за прогон на кипарските Турци, што беше повод за воената интервенција на Турција како земја-гарант на мирот на овој остров. Оттогаш постои Република Кипар, која е членка на Европската Унија, и Турска Република Северен Кипар. Турција го задржа военото присуство на островот, како гаранција за мирот и стабилноста. Сегашните власти на двата дела на Кипар и делегациите на Турција и Грција, работат на создавање план за обединување на Кипар во федерална целина.