Seyit Ahmet Aytaç
25 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Обединетите нации (ОН) мора да се реформираат без одложување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пишаното соопштение по повод 73. годишнина од основањето на Организацијата на ОН, турскиот претседател Ердоган нагласи дека неопходноста за реформите особено се однесува на Советот за безбедност кој е одговорен за сочувување на глобалниот мир и безбедноста.
Повелбата на ОН стапи на сила на 24 октомври 1945 година, и овој ден се одбележува како Ден на ОН.
„Човештвото денес се соочува со широк спектар на сериозни закани, од климатски промени до етничко чистење, од глад до ксенофобија, од епидемија до тероризам. Ниту една земја не може самостојно да се избори со тие проблеми кои се закана за човештвото и воспоставувањето глобален мир“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека во контекст на борбата против овие проблеми на ОН најважна е платформата, Ердоган изјави дека е можно да се најде одржливо решение, но дури по структуралните реформи на ОН.
„Масакрите во Руанда, БиХ и граѓанската војна која во Сирија трае веќе осма година се најконкретни индикатори дека Советот за безбедност не ги извршува своите задачи. Затоа повикуваме на итни реформи“, наведе Ердоган.
Повторувајќи го неговиот познат слоган „светот е поголем од пет“, а кој се однесува на петте постојани членки со право на вето на глас во Советот на безбедност, Ердоган понатаму наведе дека мирот во светот не е можно да се воспостави сѐ додека не се исправат неправедните поставки во Советот за безбедност.
„Турција и понатаму ќе ја поддржува реформата на ОН која оваа организација би ја направила чесна, демократична, транспарентна, ефикасна и одговорна“, порача Ердоган, и додаде дека Турција и сега води низ миротворните, антитерористичките и хуманитарните активности под покровителство на ОН.
Тој, исто така наведе дека Турција работи и на тоа Истанбул да стане центар на ОН, во кој ќе бидат преместени канцелариите на повеќе организации на ОН.
„Им го честитам Денот на ОН, со желба оваа организација да успее да донесе глобален мир и безбедност“, порача турскиот претседател Ердоган.