свет

Францускиот претседател Макрон ги осуди злоделата сторени кон Алжирците во 1961 година

Макрон преку соопштение го призна државното насилство извршено на 17 октомври 1961 година, при коешто се убиени 300 алжирски демонстранти на мирни протести

Ekipa  | 17.10.2021 - Обновена : 18.10.2021
Францускиот претседател Макрон ги осуди злоделата сторени кон Алжирците во 1961 година

ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди како „неоправдани“ злоделата сторени врз стотици алжирски демонстранти во Париз пред 60 години од страна на француската полиција, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Макрон преку соопштение го призна државното насилство извршено на 17 октомври 1961 година, при коешто се убиени 300 алжирски демонстранти на мирни протести.

Иако тој не упати официјално извинување, претседателскиот Кабинет соопшти дека Макрон признал дека „злоделата извршени таа ноќ под овластување на (парискиот полициски управител) Морис Папон се неоправдани за Републиката“.

„Франција со луцидност гледа на целата своја историја и ги признава своите утврдени обврски“, се додава во соопштението.

Досега, француските власти ја негираа или ја прикриваа улогата на полицијата во потиснувањето и убивањето на мирните демонстранти.

Во чест на жртвите што беа убиени и удавени во реката Сена, Макрон положи венец во подножјето на Пон де Безон кај Нантер во северен Париз, местото на трагедијата. Тој, исто така, разговараше со семејствата на жртвите кои беа присутни таму.

Протестите ги организираше француското крило на Алжирскиот национален ослободителен фронт против полицискиот час што го нареди Папон, со кој им се забрани на Алжирците да излегуваат на улиците во вечерните часови.

Во брутална акција, полицијата уапси над 12.000 Алжирци, најголемата акција за приведување во еден ден во земјата, и нападна неколку стотици мажи и жени, од кои многумина беа убиени и фрлени во Сена.

Историчарите ги нарекоа убиствата масакр, а постапката на државата прикривање или лаги.

Настаните што доведоа до насилството беа веднаш демантирани од полицијата и државните власти.

Поранешниот градоначалник на Париз, Бертран Делано, и претходниот претседател Франсоа Оланд, исто така, го одбележаа денот.

Укажаната почит од страна на Макрон на 60-годишнината од настанот следува по започнувањето на серија симболични гестови на приближување кон Алжир, кој беше колонизиран од Франција цели 132 години. Администрацијата на Макрон се согласи да формира Комисија за „спомените и вистината“ по препорака на историчарот Бенјамин Стора и официјално ги призна тортурата и убиството на алжирскиот револуционерен водач Али Буменџел од страна на француската Војска. Макрон, исто така, побара „прошка“ од Харките и нивните потомци. Харки е вообичаен назив за муслиманите Алжирци кои служеле во француската Војска за време на Војната за независност од 1954 до 1962 година.

Минатонеделната изјава за коментарите на Макрон за окупацијата на Османлиската Империја на Алжир пред Франција, предизвика негодување и беше критикувана од Турција како циничен обид на Франција да го прикрие своето темно колонијалистичко минато.​​​​​​​


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın