Servet Günerigök
17 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се очекува да биде отпуштен од болница денес, изјави неговиот портпарол, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анхел Урена соопшти дека Клинтон „продолжува со одличниот напредок“ во последните 24 часа. Тој во вторникот беше примен во Медицинскиот центар „Ирвин“ на Универзитетот во Калифорнија за лекување на инфекција.
„Тој ќе остане и во текот на ноќта во Медицинскиот центар Ирвин за да продолжи интравенозно да прима антибиотици пред очекуваното отпуштање утре“, истакна синоќа Урена.
Портпаролот рече дека Клинтон е во одлично расположение и дека поминува време со своето семејство, комуницира со пријателите и гледа фудбал.
„Поранешниот претседател со нетрпение очекува да се врати дома“, додаде тој.
„По дводневно лекување, бројот на бели крвни клетки почна да опаѓа и тој добро реагира на антибиотиците“, се вели во соопштението на д-р Алпеш Амин и д-р Лиса Бардак, објавено во четвртокот.
Клинтон (75) е политичар од американската сојузна држава Арканзас, кој беше 42. претседател на САД од 1993 до 2001 година. Тој ја презеде функцијата на крајот на Студената војна.