Murat Ünlü
11 Јуни 2017•Ажурирај: 11 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Во Франција денес се одржува првиот круг на парламентарни избори. Французите го бираат новиот состав на Националното собрание кое брои 577 пратеници, а на листата за избор се наоѓаат вкупно 7.877 кандидати, јавува Anadolu Agency (AA).
Изборите во Франција се конципирани така што во 566 изборни единици се бира исто толкав број парламентарни претставници, а за 11 пратенички места ќе се гласа во изборните единици во останатите региони надвор од Франција.
Во изборните единици во кои во првиот круг ниту еден од предложените кандидати нема да добие повеќе од половината гласови од бирачите, идната недела ќе се одржи втор круг, а право на учество ќе имаат сите кандидати кои во првиот круг ќе освојат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.
За формирање на влада, партиите треба да освојат мнозинство од најмалку 289 пратенички мандати, а доколку ниту една партија не успее да го постигне тоа, се очекува формирање на коалициска влада.
Околу 46 милиони регистрирани бирачи денеска гласаат на 69.000 избирачки места низ цела Франција. Изборите се одржуваат со силни безбедносни мерки, за што се ангажирани околу 50.000 полицајци и војници. Треба да се додаде дека во Франција сѐ уште во сила е вонредната состојба, која е воведена поради терористичките напади и не се зачудувачки заострените безбедносни мерки во земјата за време на овие избори.
Ова се први парламентарни избори во Франција кои се одржуваат по реформите на Изборниот законик, со кој на парламентарците им е забрането паралелно да извршуват и функција во институциите на локалната власт. Поради тоа, дури 266 досегашни парламентарци одлучија да не се кандидираат за нов мандат.
Меѓутоа, поголемиот дел од аналитичарите, парламентарните избори во Франција ги нарекуваат и трет круг на претседателски избори, бидејќи од клучно значење за неодамна избраниот претседател на Франција, Емануел Макрон, е резултатот кој на овие избори ќе го оствари неговото политичко движење „La Republique En Marche“ (LRM). На Макрон му е потребно парламентарно мнозинство за да може да ги исполни ветените реформи.
Според последните анкети и мислења на аналитичарите, неговото Движење на француската политичка сцена има многу добри шанси да го постигне посакуваното, и да го освои мнозинството во парламентот.
Анкетите кои ги спроведе центарот „Ipsos/Sopra Steria“ (Ипсос/Сопра Стериа), на движењето на Макрон му даваат можност да освои од 397 до 427 пратенички мандати, а на второ место би дошла Републиканската партија со можност да освои меѓу 95 до 115 пратенички мандати. Социјалистичката партија би требало да заврши на третото место со околу 30 пратеници, додека радикалниот десничарски Национален фронт би требало да освои од 5 до 15 пратенички мандати.
За првпат на избори во Франција со свои 52 кандидати учествува Партијата за еднаквост и правда (PEJ). Оваа партија која во Франција е формирана од страна на турски доселеници, се очекува да го привлече вниманието на мигрантската популација во таа земја.