Ekipa
11 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Катар планира да покрене судска постапка против Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАР) и Бахреин, кои донесоа одлука за воведување на блокадата, јавува Anadolu Agency (AA).
Али бин Смаик ал-Мари, челникот на Националниот комитет за човекови права при Владата, на прес-конференција соопшти дека ќе се започне судски процес со цел на државјаните од земјите-членки на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив (GCC), кои ги почувствувале последиците од затворањето на воздушниот простор за Катар и блокадата што ја воведоа Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, да им биде исплатен надоместок.
Овие одлуки ги нарече „масовна казна и меѓународно злосторство“, додавајќи дека комитетот досега примил 700 жалби и дека се соочил со трагични семејни проблеми, како и тоа дека прифаќањето и молчењето не се прифатливи.
Тој додаде дека разговарал со организации за заштита на човековите права во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, и побарал нивно делување со цел да се заштитат правата на државјаните на Катар.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет и Јемен на 5 јуни соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски односи со Катар, кој го товарат за дестабилизација на регионот.
Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го затворија воздушниот простор за Катар, и на државјаните на таа земја им наложија да ги напуштат нивните граници во рок од 48 часа.
Освен тоа, Саудиска Арабија ја затвори и копнената граница со Катар.