Felix Nkambeh Tih
07 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
ПАРИЗ
Четири деца на десетгодишна возраст беа приведени и задржани во полициска станица повеќе од 11 часа во Албервил, Франција, под наводни обвиненија за „апологија за тероризмот“.
Во изјавата за Агенција Анадолија (АА), таткото на едно од децата коишто беа приведени од страна на полицијата пријави прекумерна употреба на сила од страна на полицијата во четвртокот.
„По 7 часот наутро, полицијата тропна на начин речиси да ја скрши вратата“, рече таткото на едно од децата со турско потекло, кој сè уште е во состојба на шок.
„Десет маскирани полицајци, кои носеа долги оружја, влегоа во куќата“, нагласи тој, потсетувајќи се на агресивноста и врескањата на полицијата.
„Мојата 10-годишна ќерка беше обвинувана за апологија за тероризмот, неа ја разбудија од сон“, истакна таткото, нагласувајќи дека им наредиле сите да седат.
„Тие потоа ми рекоа дека ќе ја земат. И ми рекоа да одам да ја земам во 9 часот наутро“, рече родителот, и додаде: „Ги фотографираа декорациите на ѕидот, се обидоа да најдат податоци претресувајќи ја куќата. Отидовме во полициска станица. По два часа чекање, ни упатија бројни прашања во врска со нашето верување, дали се клањаме итн.“
„Секој од нас го испрашаа, мојата сопруга и мене, два часа. Покрај прашањата во врска со нашата религија, нè прашаа и за тоа што мислиме за тензичните односи меѓу (францускиот претседател Емануел) Макрон и (турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган“, нагласи таткото, истакнувајќи дека прашањата биле нејасни и понекогаш провоцирачки.
„На ист начин како утрово, јасно е дека тие сакаа да нè тероризираат со прекумерната бучава и насилство. Јас не разбирам: десет вооружени полициски офицери, обидувајќи се, како што изледа, да ни ја скршат вратата, да дојдат и да ја земат мојата десетгодишна ќерка во сон“, рече тој.
- Коментари од страна на децата во врска со карикатурите
Според таткото, кој е загрижен за неговата ќерка, што беше држена 11 часа, оваа агресивна и страшна полициска операција се случила поради прашањата или коментарите направени ден претходно од страна на четворица ученици од основно училиште, по дискусија во училница во врска со навредливите карикатури кон божјиот пратеник Мухамед и убиството на Самуел Пати, наставникот што ги покажал карикатурите во неговиот клас.
„Мојата ќерка можеби коментирала за убиството на наставникот“, рече таткото, потсетувајќи дека девојчето има само 10 години и дека таа не знае ништо за тоа.
„Ова не се теми за кои зборуваме дома“, нагласи тој, и додаде: „Сите го знаат нашето семејство. Училиштето нè знае многу добро. Ние имаме неколку деца што одеа во истото училиште. Да постоеше загриженост за радикализам со нас, секој ќе го знаеше тоа.“
- Ниту еден одговор од полицијата или училиштето
Полицијата во Албервил за АА истакна дека не можат да дадат информации во врска со приведувањето на четирите деца.
Родителите кои дадоа изјава за АА, исто така, велат дека полицијата не прифатила да им обезбеди документ во врска со причината за приведувањето на нивните деца или испрашувањето на кое биле изложени.
Според таткото, две од четирите деца приведени од страна на полицијата биле пренесени во Шамбери, алпски град во југоисточна Франција. Тој не знаеше која служба била заинтересирана за овие две деца.
Училиштето каде што се случи овој случај не одговори на барањето на АА за коментар.