Safvan Allahverdi
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) уапси маж за кој постои сомнение дека планирал напад со автомобил на 4 јули во Кливленд, јавува Anadolu Agency (AA).
„Деметриус Натаниел Питс (48) во неделата беше уапсен и обвинет за обид за давање поддршка на Ал Каеда откако ФБИ откри пораки што му ги испратил преку Фејсбук на специјален агент на ФБИ“, изјави агентот Стефан Ентони на прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ентони истакна дека Питс е американски државјанин радикализиран во САД. Минатата година бил под надзор на ФБИ, откако на социјалните мрежи поставувал објави за омраза кон Соединетите Американски Држави и желба да се приклучи кон терористичката група.
Апсењето на Питс се случило по средбата со тајниот агент на ФБИ за кој верувал дека е симпатизер на Ал Каеда. Питс му кажал на агентот за неговиот план за поставување бомби на парадата по повод Денот на независноста на САД и намерата да целат кон други локации во Кливленд и Филаделфија.
„Јас ќе бидам во центарот на градот кога ќе се активира работата. Јас ќе бидам тука некаде, бидејќи сакам да го видам активирањето“, рекол Питс, што ФБИ и го документирал.
Според официјалните лица, тој, исто така, му рекол на агентот на ФБИ дека ќе оди во центарот на Кливленд за да направи извидување за потенцијални бомбашки мети. Од агентот добил телефон и автобуски билет за да ја изврши мисијата. Питс подоцна му го вратил телефонот на агентот со видеоснимки и потенцијални бомбашки мети, вклучувајќи го и паркот „Воинович“ и станицата на Американската крајбрежна стража.
Питс на почетокот разговарал со агентот и за поставување бомби во автомобили играчки со далечински управувач, но подоцна рекол дека треба да детонираат возило со бомба.
Ентони рече дека е нејасно дали Питс бил подготвен да ги изврши своите закани, но кажа дека властите не можат да се повлечат и чекаат за да дознаат.
„Ние не можеме да се надеваме дека поединецот ќе одлучи да не му наштети некому или дека нема да наведе други да делуваат“, додаде тој.
Питс, доколку биде осуден, може да се соочи со затворска казна во времетраење од 20 години.