Anees Suheil Barghouti
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските војници на Западниот Брег приведоа 13 Палестинци, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската војска соопшти дека минатата ноќ на неколку локации низ Западниот Брег привеле Палестинци „под обвинение за вмешаност во терористички активности“.
„Палестинците се притворени поради понатамошна истрага“, се наведува во соопштението.
Здружението на палестински затвореници соопшти дека лицата се приведени во окупираниот Западен Брег во градовите Витлеем, Рамала, Тулкарем и Џенин.
Израелските сили скоро секој ден извршуваат операции на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс) под различни обвинувања кон Палестинците.
Податоците за палестинските затвореници покажуваат дека во израелските затвори има околу 6.400 Палестинци, вклучувајќи и 350 малолетни лица.
Тензиите на Блискиот Исток се интензивираа по неодамнешното преместување на Американската амбасада во Ерусалим (Кудс), кој Израел го окупираше во 1967 година.
Илјадници Палестинци од крајот на март на границата на Газа протестираат поради израелската окупација и бараат право за враќање на својата земја.
Источен Ерусалим (Кудс) и понатаму е во центарот на повеќедеценискиот конфликт на Блискиот Исток.