Hakan Çopur
10 Февруари 2016•Ажурирај: 11 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Директорот на американската Национална разузнавачка служба, Џејмс Клапер, предупреди дека терористичката организација ДАЕШ моментално претставува најголемата закана по безбедноста и дека оваа година би можела да изведе терористички напади во САД и Европската унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во американскиот Сенат се одржа посебна седница под насловот „Глобални закани”, во текот на која директорот на Националната разузнавачка служба Клапер, директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA) Џон Бренан, директорот на Федералното истражно биро (FBI) Џејмс Коми, директорот на Агенцијата за национална безбедност (NSA) Мајкл Роџерс и челникот на Одбранбената разузнавачка агенција (DIA) Винсент Стјуарт, одговараа на прашањата на сенаторите.
„Делувањето на ДАЕШ на глобален план одамна ја надмина Ал-Каеда. Моментално тоа е најголемата закана по безбедноста и ДАЕШ оваа година би можел да ги нападне САД и Европската унија”, рече Клапер.
Клапер тврди дека, покрај Сирија и Ирак, ДАЕШ работи и на заземање нови територии во Авганистан и Либија, и дека и Ал-Каеда во последните неколку месеци ги зајакнала своите позиции во Авганистан.
Укажувајќи дека ДАЕШ максимално ја користи дигиталната технологија и на глобален план успешно врбува нови приврзаници, Клапер рече дека на таа организација на Западот ѝ се приклучиле 6.600 нови терористи, што е скоро двојно повеќе во однос на 2014 година.
Тој предупреди и на заканите од постојани сајбер напади од страна на Кина, Русија и Северна Кореја и додаде дека во следните години на глобалната сцена би можел да ескалира и проблемот со секташките судири од Блискиот Исток.
Челникот на ФБИ, Коми, рече дека ДАЕШ планира по Сирија и Ирак својата доминација да ја реализира и во Либија и дека веќе испраќа голем број свои припадници во таа земја.