Hajer M'tırı
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за внатрешни работи денес соопшти дека француската полиција го фатила затвореникот, кој во јули избега од затвор со грабнат хеликоптер, во операција во стилот на командосите, јавува Anadolu Agency (AA).
Жерар Коломб, министерот во заминување, чија оставка денес ја прифати претседателот Макрон, истакна дека Редоин Фаид (46) е уапсен во градот Креј, северно од Париз, три месеци по неговото бегство.
На Фаид, кој еден период беше сметан како „државен непријател број еден“ на Франција, му помогнале тројца вооружени машки лица со автоматско оружје за да избега со хеликоптер од затворот „Реа“ во подрачјето на Париз, за помалку од 10 минути.
Тој отслужуваше 25-годишна затворска казна за неуспешен грабеж во 2010 година. Ова беше второ бегство на Фаид од затвор.
Претходно, тој избега од затвор во северна Франција во 2013 година, откако искористи четворица чувари како човечки штитови. Избега за помалку од половина час по пристигнувањето во затворот, и мина шест недели во бегство.
Во 2009 година беше ослободен, откако отслужи 10-годишна затворска казна. Во неговата книга на исповеди за неговиот живот во криминалот, објавена во 2010 година, Фаид вели дека неговиот начин на живот е инспириран од филмовите од типот на „Scarface“ (Лице со лузна).