Yıldız Nevin Gündoğmuş
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
АНКАРА (АА) - На регионалните власти во Аракан им е доставен првиот конвој со хуманитарна помош што Турција го испрати за загрозеното муслиманско малцинство Рохинџа, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) соопшти дека првиот конвој со хуманитарна помош, со пригодна церемонија ќе им биде предаден на надлежните служби во Аракан.
Станува збор за прв конвој од вкупно илјада тони помош, кој под иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција го доставува до муслиманите во Аракан.
Претставниците на канцеларијата на ТИКА во Јангон им го предадоа конвојот со помош во храна и облека на челниците на Министерството за социјална заштита во Мјанмар.
Официјалните лица на Мјанмар изразија благодарност до Турција за помошта што денес и утре, со воени камиони ќе биде доставена до загрозените семејства во кризното подрачје во северниот дел на Аракан.
„Првиот конвој со помош стигна на првата станица. Наредната фаза е доставување на таа помош со хеликоптери до луѓето за кои е наменета“, изјави утринава турскиот вицепремиер Хакан Чавушоглу.
Турскиот претседател Ердоган во вторникот телефонски разговараше со шефицата на дипломатијата и државна министерка за труд на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, и притоа беше договорено ТИКА да биде првата меѓународна организација што ќе достави помош за загрозените цивили во Аракан, каде што пристап веќе две недели немаат ни организациите на ОН.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, поради што десетици илјади жители беа принудени да избегаат кон соседен Бангладеш.
Според последните извештаи на ОН, во Бангладеш досега пристигнаа речиси 150.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат да ја преминат границата.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на загинатите во нападите на муслиманските населби. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени луѓе.