Orhan Onur Gemici
04 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција, и покрај сите предизвици и потешкотии низ историјата, успеала да го зачува единството и солидарноста на својот народ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Турција денес се одбележува 102-годишнината од Конгресот во Сивас. На денешен ден пред точно 102 години во градот Сивас во Турција се одржа конгрес на кој делегатите од цела Турција, предводени од Мустафа Кемал Ататурк, усвоија низа важни одлуки за борбата за независност и целосност на турската држава. Според многумина, тогаш е запален факелот на борбата за независна и целосна Република Турција.
„Турската нација, која го зачува единството и солидарноста со силната волја и одлучноста искажана на Конгресот во Сивас, и покрај сите предизвици, со победа ја заврши борбата за независност“, рече Ердоган во пораката објавена по повод годишнината од овој значаен историски настан.
Тој истакна дека Конгресот во Сивас, на кој се донесени важни одлуки кога на светот му е испратена пораката дека Турција никогаш нема да се откаже од својата независност, знаме и татковина, претставува историска пресвртница за турската нација.
Додаде дека и денес секој чекор се презема во согласност со одлуките донесени на тој конгрес, кои ги чинат темелите на Република Турција.
Турскиот претседател нагласи и дека одлучно ги продолжуваат напорите за зајакнување на економската и политичката независност на Турција.
„Продолжуваме да чекориме со силни чекори на патот кон изградба на голема и моќна Турција за да ги оствариме нашите цели за 2023 година и визиите за 2053 и 2071 година“, рече Ердоган.