Турција, образование

Училиштата во Турција од утре повторно се отвораат за настава со физичко присуство

Како дел од мерките против Ковид-19, 78,1 милион долари се испратени во околу 58.000 училишта за додатните потреби од маски, средства за дезинфекција и чистење, и распределени се 113.000 лица за одржување на хигиената

Selma Kasap  | 05.09.2021 - Обновена : 06.09.2021
Училиштата во Турција од утре повторно се отвораат за настава со физичко присуство

АНКАРА (АА) - Училиштата во Турција повторно ќе се отворат за настава со физичко присуство од утре, со примена на превентивните мерки против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Оваа одлука е донесена откако бројот на дози на вакцините против Ковид-19 во Турција надмина 96,9 милиони во рамки на кампањата за имунизација што започна во јануари.

Како дел од подготовките за почетокот на новата учебна година, учениците од предучилишна возраст и првоодделенците учествуваа во обука за интегрирање со физичко присуство од 1 до 3 септември. Над 2,3 милиони ученици беа обучувани од 165.450 наставници.

Околу 18 милиони ученици и над 1 милион наставници од сите одделенија во Турција од утре ќе тргнат на училиште, пет дена во неделата.

Како дел од мерките против Ковид-19, речиси 650 милиони лири (78,1 милион долари) се испратени во околу 58.000 училишта за додатните потреби од маски, средства за дезинфекција и чистење, и распределени се 113.000 лица за одржување на хигиената.

Со новиот систем за електронско следење, воспоставен во рамки на Министерството за образование, ќе се следат сите процеси со цел да се осигури дека образованиот процес нема да биде нарушен.

Во случај на можно заразување со вирусот, контактите или статусот на ризик на учениците и вработените ќе се следат преку интеграција на податоците помеѓу Министерството за образование и Министерството за здравство, по што до училиштата ќе се доставуваат потребните известувања.

- Вакцинацијата и ПЦР-тестовите -

Според упатството за мерките што треба да се преземат во училиштата поради коронавирусот, од наставниците и училишниот персонал ќе биде побарано да прават ПЦР-тест двапати неделно, доколку не се вакцинирани.

Ќе се осигури дека корпите за нечисти маски од училиштата, јавните површини, училниците и просториите на наставниците се празнат секојдневно. Доволен број маски ќе бидат обезбедувани од Министерството за образование во сите училишта.

Наставата со физичко присуство ќе се одвива без намалување на траењето на часовите и земајќи ја предвид целокупната постоечка наставна програма, исто како и пред појавата на Ковид-19.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.