Sarp Özer
05 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Грција продолжува да го нарушува воздушниот простор на Турција, територијалните води и статусот на демилитаризираните острови во Егејското Море, објави денес турското Министерство за национална одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Досега во 2021 година, Грција направи 206 прекршувања на воздушниот простор, 27 прекршувања на територијалните води, 95 вознемирувања на воздухоплови, 790 прекршувања од страна на бродовите на острови со демилитаризиран статус“, истакна портпаролката на Министерството за одбрана, мајор Пинар Кара.
Освен грчкото наоружување на островите во близина на Турција и кршењето на долгогодишните договори, Турција ги осуди и грчките напори за добивање поголема поморска територија во Источниот Медитеран и ограничување на турските води на мала област на југот, иако Турција има поголемо медитеранско крајбрежје во регионот од која било друга земја.
Во однос на кипарското прашање, Министерството истакна дека напорите да се претстави присуството на Турција во Северен Кипар како „окупација“ нема да можат да ги покријат историските злосторства врз кипарските Турци.
„Тоа нема да биде од корист за Грците, кипарските Грци или нивните поддржувачи“, се додава.
На Кипар владее повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај низата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти години ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклави заради својата безбедност.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци насочен на анексија кон Грција повлече воена интервенција на Турција како земја гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Портпаролката на Министерството, исто така, се осврна и на напорите на Турција во борбата против тероризмот.
Во Турција и надвор од неа во август спроведени се околу 22 антитерористички операции.
Соопштено е дека бројот на неутрализирани терористи од 24 јули 2015 година изнесува 18.455. Од почетокот на 2021 година досега неутрализирани се 1.865, од кои 244 терористи во северен Ирак.
Терористичката организација ПКК ги користи своите бази во северен Ирак, близу јужната граница на Турција, за криење на своите припадници и за подготвување терористички напади во Турција.
Турција ги започна операциите „Канџа-молња“ и „Канџа-гром“ на 23 април во северните ирачки региони Метина и Авашин-Басјан.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.