Çiğdem Münibe Alyanak
06 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
ИСТАНБУЛ
Книгата „Можен е поправеден свет“, што ја напиша претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, излезе од печат, известува Агенција Анадолија (АА).
Во книгата „Можен е поправеден свет“, турскиот претседател детално ги опишува патот и потрагата на Турција за правда за целото човештво.
Во книгата, посочувајќи на најголемите предизвици и проблеми на глобалната политика, особено на неправдата, бегалската криза, меѓународниот тероризам и исламофобијата, Ердоган посочува на дискриминацијата и двојните стандарди во денешниот свет преку примерот на Обединетите нации (ОН).
Ердоган во книгата особено ја нагласува потребата од сеопфатни реформи, особено во Советот за безбедност на Обединетите нации.
Тој исто така се осврнува и на прашањата за легитимитетот, функционалноста, ефективноста, инклузивноста, застапеноста и владеењето во ОН.
Нагласувајќи дека „Можен е поправеден свет“ со принципиелен, инклузивен, стратешки и применлив предлог-модел за ОН, во кој е обезбедена правдата во застапувањето и укината е привилегијата за вето, Ердоган во својата книга ги изложува следните идеи и ставови:
„Никој не е невин во светот во кој децата умираат и биваат убивани.“
„Правдата е едно од најпотребните прашања во светот денес. За жал, институциите одговорни за воспоставување глобална правда се во голема инерција.“
„Во ера кога исчезна милоста, наша одговорност е да бидеме претставник на правдата и глас на совеста. Ќе продолжиме да велиме ’Светот е поголем од пет’, сѐ додека не се воспостави систем во кој оној од страната на правдата има моќ, а не дека посилниот е секогаш во право. Денешните проблеми не можат да се решат со институции изградени според потребите на минатото. Исто така, очигледно е дека овие институции создаваат нови проблеми. Според нашето разбирање, правдата ќе обезбеди ред, спас и среќа во светот. За поправеден свет, потребен е глобален поредок што обезбедува надеж и доверба“, наведува Ердоган во својата книга.
Целиот приход од продажбата на книгата, објавена од „Туркуваз китап“, ќе биде дониран на Агенцијата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Книгата освен на турски, ќе биде достапна и на други јазици како што се англиски, арапски, германски, француски, руски и шпански.