Hakan Çopur
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
ВАШИНГТОН (AA) - Вчера излезе од печат книгата „Империја на предавството: Истрага за училиштата на Ѓулен“, од авторот Роберт Амстердам, раководител на меѓународната адвокатска фирма „Amsterdam & Partners“ (Амстердам и соработниците), јавува Anadolu Agency (AA).
Авторот претходно направи опсежно истражување за активностите на терористичката организација ФЕТО во светот, особено во Соединетите Американски Држави (САД).
Во штотуку објавената книга станува збор за неправилностите во училиштата на ФЕТО во САД.
Амстердам во соопштение напиша дека книгата е резултат на неговата двегодишна истражувачка работа за активностите на ФЕТО во Соединетите Американски Држави.
Тој истакна дека книгата јасно ги изнесува на виделина податоците, за, како што рече, вистинското лице на училиштата на ФЕТО во таа земја.
Во книгата се наведува дека ФЕТО до денес во САД, преку своите образовни институции незаконски стекнала 243 милони долари.
Авторот нагласи дека до такви податоци дошол преку извори достапни до јавноста.
Амстердам напомена дека 6.504 наставници кои се вработени во тие школи, а кои се лојални на ФЕТО, добиле работна виза „H-1B“.
Во книгата се наведува дека спомнатите наставници се неквалификувани за работа во образование во САД.
Авторот нагласи дека во 199 училишта поврзани со ФЕТО, во 27 држави во САД, настава посетуваат околу 81 илјада ученици, и додава дека годишниот приход од тие училишта изнесува 750 милиони долари.
На крајот, Анстердам истакнува дека главната цел на книгата е на жителите на САД да им се објаснат и да им се посочат сите нерегуларности што ФЕТО ги спроведува во таа земја.